Пресадување на глава?! Тоа звучи страшно и страшно интересно во исто време. Сигурно се прашувате дали е воопшто возможно да се изведе ваков зафат, кога се има предвид дека постојат толку многу критични точки при кои може да настане некоја компликација нели?
Според Серџо Канаверо, италијанскиот хирург за кого пишувавме, веќе постојат сите потребни предзнаења, техники и технологии за да се изведе успешно пресадување на човечка глава. Самото успешно пресадување на глава е веќе изведено кај живиот свет, и тоа кај глушец. Според Канаверо, време е истото да се изведе кај човек.
Инаку, пациентот чија глава ќе биде пресадена е 30-годишниот русин Валентин Спиридонов. Не, Валентин не е лудак, туку има многу лоша генетска болест – Вердниг-Хофманова болест – која предизвикува атрофија на мускулите кај `рбетниот столб. Лек за оваа болест нема и резултира во смрт на нејзиниот носител. Како што можете да забележите, Спиридонов нема баш некој голем избор во животот, а оваа операција може да му пружи шанса кон нов живот, ако е успешна.
Изведбата на операцијата ќе оди во неколку етапи. За почеток, на неговото тело и глава ќе им биде намалена температурата за да се забави процесот на распаѓање на клетките. Потоа, големите крвни садови ќе му бидат врзани со машини кои ќе и` овозможат на неговата глава да продолжи да живее. `Рбетниот столб ќе биде исечен со суперпрецизен скалпер и главата ќе му биде пренесена до новото тело. Во меѓуввреме, ќе се користат инјекции со полиетилен гликол за да почнат врзните ткива и клетките да се поврзуваат меѓу себе. По овој чекор ќе бидат поврзани и крвните садови, мускулите и нервите.
Операцијата ќе се изведе наскоро, ќе трае 36 часа и ќе бара активен персонал од 150 луѓе. Некои доктори го сметаат Канаверо за лудак, сомневајќи се во изведливоста на ваква колосална операција. Канаваро, пак, смета дека ова е сосема изведливо. Во секој случај, наскоро ќе дознаеме дали бил во право.
Извор: RT, Geek, IFLScience