cancer-afp

Најубаво е кога барајќи лек против маларија, случајно ќе пронајдеш лек за 90% од сите видови рак.

Научниците од Универзитетот од Копенхаген успеаа да пронајдат потенцијален лек за 90% од сите типови рак преку користење на друг „безобразник“ кој предизвикува големи проблеми во нашите тела – маларијата. Накратко, успеаа успешно да го насочат еден механизам на паразитот против клетките на рак. Кој би рекол?

Се работи за одредена маларична белковина (протеин) која е присутна во телото на паразитот на маларија, Плазмодиум. Самиот паразит ја користи оваа белковина за да ги препознава клетките на плацентата на бремените жени и да се закачи за нив. Всушност, клетките на плацентата го поседуваат истиот јаглехидрат кој кај себе го поседуваат 90% од раковите, а кој маларичната белковина го препознава.

Маларија + отров = лек за рак

Следно што им текнало на научниците по ова интересно откритие, е да закачат отров на изолирана маларична белковина и да ја тестираат за некаков ефект врз клетките на ракот. За таа цел тие вметнале клетки од различни типови рак (мозочен тумор, леукемија, простатен рак, метастатичен рак на коскена срж…) во експериментални глувци, а потоа ги инјектирале со вака наоружаната маларична белковина.

Резултатот бил подобар отколку очекуваниот. Белковината си ја вршела својата работа – ги барала клетките на ракот препознавајќи ги по јаглехидратот кој го спомнав погоре, и потоа се апсорбирала во самите клетки. При апсорпцијата го ослободувала отровот кој пак ги уништувал болните клетки со огромна ефикасност.

Многу од групите на глувци кои го примиле овој лек преживеале далеку подолго него контролните групи, а некои не ни починале воопшто. Веројатно единствената позначајна негативна работа околу овој лек ќе биде неможноста да се примени кај трудни жени бидејќи белковината ќе ја препознава плацентата и ќе ја напаѓа.

Конечно, ефикасен лек за рак?

Научниците се надеваат дека за 4 години ќе можат да започнат со тестови врз луѓе, по што ќе произведат вистински лек кој ќе може да се користи да им се помогне на пациентите. За оваа цел Универзитетот од Копенхаген основаше компанија наречена VAR2Pharmaceuticals која ќе има за цел да го развие овој потенцијален лек и да го лансира на пазарот.

Изгледа дека во следната декада, во комбинација од имунотерапија, вакви комбинирани лекови, CRISPR замена и поништување на гени и подобра хемотерапија ќе ги избркаме сите видови на рак од организмот и конечно ќе почнеме да живееме подолго, поквалитетно и без страв од оваа одвратна болест. Одиме напред!

Дополнителни информации: Science Daily, Independent, Medical News Today

Претходна статијаMicrosoft ќе претстави Surface „се во едно“ компјутер во Октомври
Следна статијаApple Watch Series 2 има вграден GPS и водоотпорност до 50 метри, но и натаму кратко траење на батеријата?