Постојат над трилион видови растенија и животни на планетава
Постојат над трилион видови растенија и животни на планетава

Животот на земјата е толку разновиден благодарение на механизмите на природната селекција и еволутивната биологија. Сите сме една целина и нераскинлив дел од Универзумот и во совршена коегзистенција. Растенијата што цветаат не би можеле да постојат без микробиолошките форми на живот. Живиот свет на земјава е толку разновиден и во разни големини и бои и го има секаде, видлив и невидлив со голо око, започнувајќи од вулканските острови, па сè до мрачните врели неоткриени длабочини на земјината кора во центарот на земјата полни со лава.

Колку точно различни видови на живот постојат на нашата планета?

Нашата планета е дом на околу над пет и пол милиони познати видови, но досегашните проценки на вкупниот број на видови биле произволни. Една нова пионерска научна анализа се обиде да даде поточна приближна проценка. Истражувачите заклучија дека во светот доминиран од микроби, постојат повеќе од еден трилион видови живот. Под микробиолошки видови се подразбираат сите форми на живот што се премногу мали за да бидат вдени со голо око, вклучувајќи ги сите едноклеточни организми како што се бактериите и археите, како и одредени видови на габи.

Неверојатно е тоа што само еден илјадити дел од само еден процент од врстите, до сега се идентификувани. Студијата објавена неодамна во Зборникот на Националната академија на науките на Соединетите Американски Држави (Proceedings of National Academy of Sciences of the United States of America) укажа на универзален математички закон што им овозможи на авторите попрецизно да го истражат биодиверзитетот. Двајцата автори на студијата Д-р Кенет Лоси (Kenneth J. Locey) и Д-р Џеј Ленон (Jay T. Lennon) се од Факултетот по Биологија од Универзитетот во Индиjана, Блумингтон (Department of Biology, Indiana University, Bloomington).

Досегашните бази на податоци се нецелосни

Врз основа на оваа неодамнешна анализа, бројот оние видови за чиешто постоење науката е свесна, ни приближно не може да се спореди со она што навистина постои. Истражувачите што ја спроведоа анализата собраа статистики и останати податоци и проценија дека всушност постојат околу трилион видови што живеат на нашата планета. „Исто како мапирањето на Млечниот пат и другите галаксии ни помага да го разбереме и цениме нашето место во Универзумот и неговата историја, да ја разбереме огромната разновидност на микробниот живот, ни помага да го разбереме и цениме нашето место во еволуцијата на животот на Земјата“ – истакна постдокторскиот соработник на Универзитетот во Индијана Д-р Кенет за IFLScience.

Математичка формула за проценка на микробиолошкиот диверзитет

Пресметките биле базирани врз бази на документираните форми на живот, во кои биле вклучени растенијата, животните и микробиолошкиот живот. Според вонредниот професор Д-р Џеј Ленон тие бројки потоа биле искомбинирани „…со еколошките модели и новите еколошки правила за тоа како биодиверзитетот е поврзан со изобилството“. Еден од факторите во оваа неверојатно голема проценка е подеталната истрага на бескрајноста на микробиолошкиот свет. „До сега нам ни недостасуваа алатки за вистински да го процениме бројот на микробиолошките видови во природната средина. Доаѓањето на новата технологија за генетско секвенционирање обезбедува голем базен на нови информации“ – додава Д-р Ленон.

Научниците објаснуваат дека поранешните обиди за проценка на земските видови еднсотавно ги игнорираа микроорганизмите или биле засновани врз постарите сетови на податоци и пристрасни техники или пак, сомнителни екстраполации. Ова истражување е од големо значење за науката и нуди не само поглед на целокупната разновидност на микробите на Земјата. „Тоа исто така потенцира колку многу од тој диверзитет сè уште останува да биде откриен и објаснет“ – додава Сајмон Малкомбер (Simon Malcomber) директор на програмата на Американската Национална научна фондација „Димензиите на биодиверзитетот“ (NSF’s Dimensions of Biodiversity program).

Микробиолошкиот живот е неопходен за светот
Микробиолошкиот живот е неопходен за светот

Користејќи го „Универзалниот биолошки закон за мерење“ научниците исто така можеа да предвидат кои видови на микроорганизми би биле доминантни во разновидни средини. Пресметуваната „доминантност“ е мерка за тоа колку вообичаени видови има во одреден екосистем и доста јасно го мери изобилството на видови, без разлика дали се пресметува микробиолошкиот живот или поголемите видови на организми. Микроорганизмите ги придвижуваат природните екосистеми на нашава планета, па затоа разбирањето на сè за нив е огромна задача, затоа што експертите велат дека буквално сè зависи од нив.

Нашата планета е дом на околу пет и пол милиони познати видови
Нашата планета е дом на околу пет и пол милиони познати видови

Овој научен потфат е финансиран од страна на Националната научна фондација (National Science Foundation) за до 2020 година да се трансформира свеста за обемот на животот на Земјата и за да се пополнат големите празнини во досегашното знаење на човештвото за биодиверзитетот на планетава. Љубопитноста на науката не се задоволува само со приближни бројки. Оваа студија укажува само уште колку многу не знаеме за животот и ја потврдува мистериозноста на постоењето. Се подразбира дека пронаоѓањето и каталогизацијата на неоткриените милијарди се само уште еден нов предизвик што можеби ќе го дочекаме во ова тело.

Извори: Iflscience, IUBloomingston, Lifescience

Претходна статијаNvidia ја претстави најмоќната гејминг графичка GeForce GTX 1080 со изненадувачки достапна цена
Следна статијаРецензија: Lenovo Vibe S1 – смартфон од средно – високата класа со премиум карактеристики и најдобра селфи камера