575adda9c3618808318b45ec

Кога и да помислиме на црни дупки, помислуваме на оние невидливи чудовишта кои одат низ Универзумот и голтаат сè што ќе се осмели да им се приближи. Иако црните дупки можеби теоретски не се „црни“ како што пишувавме пред некое време, сепак нивната моќ да голтаат сè и да го сместуваат во точка (сингуларитет) според Ајнштајн значи дека ако набљудувач влезе во нив ќе биде уништен низ болна смрт.

Ова е поради тоа што огромната гравитација на црните дупки не е униформна – на тие делови од телото на кутриот човек/робот кои се поблиску до „дупката“, па макар и неколку сантиметри, гравитацијата делува значително посилно него пооддалечените, и оваа разлика се зголемува како тој паѓа внатре. Ваквата разлика во гравитационо поле ќе предизвика шпагетификација на човекот, истегнувајќи го до огромни граници, а потоа растурање на неговите составни делови бидејќи хемиските и физичките сили нема да имаат способност да го задржат во функционална состојба и форма.

Сепак, двајца научници сметаат дека го имаат побиено истото во некои случаи. Тие претпоставуваат дека во (барем некои) црни дупки, во нивниот „центар“ има црвја дупка, а не точка на сингуларитет. Па така, ако набљудувач почне да паѓа во дупката тој повторно ќе биде шпагетифициран, но ваквото стискање ќе биде изведено по геодетни линии кои на крајот не завршуваат во точка.

Тоа би значело дека тие ќе продолжат да бидат паралелни едни на други и растојанието меѓу нив никогаш нема да се намали до нула. Тоа теоретски би значело дека набљудувачот би ја задржал својата (релативна) телесна структура која би продолжила да функционира и на крајот, кога би излегол од црвјата дупка, ќе остане релативно очуван и – жив. Веројатно и многу радосен.

Нормално, излезот ќе биде на друг дел од Универзумот, а веројатно и во друго време, но овие пресметки не можат да се направат сè уште.

Како и да е, времето за да почнеме да патуваме низ црни и црвји дупки е доста далеку, но добро е што научниците полека почнуваат да ги отплеткуваат овие застрашувачки космолошки феномени и преку тоа да ѕиркаат во основата и функционирањето на вселената.

Дополнителни информации: RT, Phys.org, CQGPlus

Претходна статијаСлабост во телефонските мрежи овозможува „хакнување“ на Facebook сметките преку телефонскиот број на корисникот
Следна статијаLED рамка околу камерата кај новите Samsung модели ќе прикажува „Паметни Нотификации“