Теоријата за еволуција на организмите преку природна селекција создадена од Чарлс Дарвин и Расел Волес укажува на постоењето на еволутивни притисоци кај организмите од нивната околина кои ги тераат диференцијално да се „приспособат“ на истата. Всушност, еволутивните притисоци се тие кои ги уништуваат или ги ставаат во полоша позиција оние организми кои не се приспособени на новите/постоечките услови, што овозможува оние кои имаат генотип и фенотип приспособен на условите да продолжат да постојат, да се размножуваат и да дојдат во подобра позиција.
По поминувањето на многу генерации остануваат само оние организми кои биле прилагодени или успеале да се прилагодат на новите услови. Од овој аспект, тоа што го откриле научниците при анализа на сулфурни бактерии кои доаѓаат од милијарди години стари камења од бреговите на Австралија и Чиле прилично ги изненадило. Имено, тие откриле дека една од бактериите најдена во камен стар 1,8 милијарди години изгледа потполно исто со друга пронајдена во камен стар 2,3 милијарди години, а пак овие два примерока изгледаат исто со друг примерок најден во кал на брегот на Чиле во модерно време.
Здравата еволутивна логика ни вели дека ова е малку веројатно да се случи бидејќи по поминување на толку време би требало овие организми да имаат еволуирано и да не потсеќаат премногу на античките бактерии кои им се претци. Па сепак, научниците потсетуваат дека еволуцијата постои кога има смена на еволутивни притисоци од околината, и дека немањето (значителна) промена во нивниот генотип совршено се поклопува со претпоставката дека овој период во развитокот на Земјата пред неколку милијарди години бил во главно ист, а условите не се менувале скоро воопшто.
Во тој случај, една бактерија која била приспособена за живот пред 3 милијарди години секако дека нема да има потреба да се менува ако условите во следните 2 милијарди години не се сменат – што токму и се случило, според Вилијам Шопф, професор на UCLA и еден од изработувачите на студијата објавена во Proceedings of the National Academy of Sciences.
Според него, „Правилото на биологијата е да не еволуираш, освен во случај ако физичката или биолошката околина се смени, што е конзистентно со Дарвин. … Овие микроорганизми се добро-приспособени на нивната едноставна, многу стабилна физичка и биолошка околина. Ако тие беа во околина која не се менувала, но сепак еволуирале, тоа ќе ни покажеше дека нашето познавање на Дарвиновата еволуција е сериозно згрешено“.
Научнциите често откриваат некои траги од историски организми кои живееле во минатото. Во некои случаи овие организми предизвикувале промени кај другите, поголемите, како што е случајот на античките ретровируси за кои се претпоставува дека можно е да извршиле смена на нашиот генетски код и така да ни „помогнале“ да го направиме еволутивниот скок кон поголем мозок.
Извор: Phys.org