brain_mri_640x508

Веројатно сите сме биле во таа ситуација – вашиот firewall почнал да ви пушта пораки со кои ве прашува дали да му дозволи на одреден програм пристап до Интернет. Вашиот Android или iOS неколку пати ве прашале за разни апликации дали се согласувате да имаат дозвола до разни работи на вашиот уред (како камера, локација, профили…) кои се потенцијален безбедносен ризик.

Првите неколку пати гледавте внимателно за тоа што дозволувате на кого, а потоа веќе се заморивте. Сега кога ќе ве праша firewall-от или телефонот инстиктивно одбирате „Дозволи“, а со тоа си ја предавате слободата и безбедноста на трети лица кои токму се надеваат на истото. Ваквото однесување не е уникатно за вас, на тоа се подложни повеќето луѓе, па дури и животните, и е карактеристика на животинскиот нервен систем.

Студијата која беше изведена од шест научници од Брајгам Јанг Универзитетот, Универзитетот од Питсбург и од Google, го покажа токму ова. Имено, на испитаниците им биле сервирани слики со безбедносни известувања додека на глава носеле намотка потребна за да се направи магнетно-резонантна слика. Во првиот дел секој испитаник прегледал 560 слики со разни ситуации, а во вториот испитаниците пред нив држеле компјутер на кој се појавувале најразлични сигурносни известувања. Притоа, биле анализирани нивните движења на глушецот заедно со мозочната активност.

Студијата утврдила дека при повторување на стимулите од ваквите известувања мозокот на испитаниците се „гасне“ во деловите за визуелно процесирање. Наодот бил дека имало значајно намалување на процесирањето дури само по едно повторување на стимулот, а страшно намалување после 13 повторувања.

Во студијата научниците предлагаат менување на формата на известувачките пораки за да се забави корисничкото навикнување на нив, во смисла на: менување на изгледот на буквите, позицијата каде се појавува и боите кои се употребуваат. Тоа е еден можен начин за намалување на ефектот на навикнување. Друг кој би го предложиле е пообработени безбедносни известувања од страна на програмерите кои нема да излегуваат за се` и сешто туку токму за работите кои се критични.

Кај биолошките мозоци (а би дебатирал дека истото постои и кај синтетичките) постои ефект кој е наречен навикнување (анг. habituation). Овој ефект се појавува кога (пре)често се појавуваат одредени стимули, и мозокот започнува да ги игнорира, односно да ги решава по автоматизам. Навикнувањето е потребно бидејќи со него создаваме навики (на пример, за вежбање, за јадење добра храна, но и лоши како јадење нездрава храна или ѕверење во телефонот пред спиење), но во случај на безбедносни известувања е секако лоша карактеристика на нашите биолошки мозоци. Ова секако не треба да ви служи како оправдување – безбедноста и приватноста се двата најголеми стожери на човековата слобода и постоење, и потребно е постојано да правите свесни напори за да ги одржите на задоволително ниво.

Извор: Ars Technica, Neurosecurity

Претходна статијаХолограмската технологија доаѓа напомош во медицината
Следна статијаШто ќе ви се случи ако излезете без скафандер во вселената?