Кога сме млади мислиме дека никогаш нема да остариме. Средината на животот е најпродуктивна, меѓутоа често знае да ги фрли луѓето во апатија поради тоа што стануваат свесни за својата смртност и намалувањето на капацитетите и слободното време. Денешните западни општества се хистерично опседнати со младоста и младите луѓе, иако тие во главно значат неискусност и немање ништо вредно оставено зад себе.
Сепак, често не можеме, а да не забележиме дека луѓето на иста возраст изгледаат различно остарено. Некои изгледаат како што „треба“, некои значително постаро, а некои пак значително помладо, па се прашуваме која е причината. Најчесто таа што си ја даваме е генетика, но дали е само до тоа? Обично луѓето кои водат здрав живот со помалку стресови и со редовна вежба имаат тенденција да изгледаат помладо и поенергично, но тоа не секогаш корелира меѓу себе.
Како и да е, научниците успеаа да утврдат дека луѓето навистина стареат различно преку една студија која мерела дури 18 физиолошки маркери кои овозможуваат да се одреди стареењето на внатрешните и надворешните органи, како и генералната старост (преку мерење на должината на теломерите). Научниците мереле група од 1.000 луѓе кои ги следеле од 26 години, преку 32 се` до 38 години. Тие токму утврдиле преку мерење на факторите дека различните луѓе различно стареат и имаат различни перформанси и карактеристики на измерените фактори.
Научниците ќе започнат со набљудување на разликите особено кај младоликите за да утврдат кои се точните фактори кои влијаат да бидат такви какви што се, што би можело да придонесе во иднината за развивање на програми за вежбање, лекови и супстанци кои ќе ни овозможат да бидеме подолго време енергични, да се осеќаме младо, привлечно и способно.
Извор: IFLScience, MedicalXpress