Емитувањето на јаглероден диоксид се одвива природно поради активноста на растенијата, вулкански активности и слично. Сепак, според официјалните информации извадени во јавноста од ООН и други фактори загрижени за оваа појава, човештвото емитира далеку повеќе јаглероден диоксид отколку природата.
Според теоријата на т.н. „стаклена градина“ гасовите како јаглероден диоксидот кои се емитуваат во атмосферата предизвикуваат задржување и зголемување на глобалната температура поради едноставен ефект. Сончевите зраци кога доаѓаат на Земјата се со поголема енергија и успеваат да поминат низ ваквите гасови, но кога биваат емитувани назад како топлинска енергија имаат помала енергија и се одбиваат од гасовите – останувајќи заробени во атмосферата и кумулативно влијаејќи да се подигне температурата на Земјата.
Подигнувањето на земјината температура секако дека може да има огромни негативни ефекти по биосферата со оглед на тоа што многу од животинските и растителните видови се базираат на фината рамнотежа во амбиенталната температура за да ги обавуваат ефикасно своите животни циклуси. За жал, глобалната просечна концентрација на јаглероден диоксид за прв пат во историјата од започнувањето на мерењето, достигна рекордно ниво од 400 делови во милион.
Ако земеме дека теоријата на стаклена градина е точна, тогаш ова претставува голем пораз за човештвото кое не успеа да го регулира користењето на фосилни горива и јаглен кои се сметаат за главен извор на ваквите гасови. Се претпоставува дека користењето на фосилни горива треба да се скрати за 80% за да се сопре акумулацијата на штетните гасови, но тоа во моментот не е можно. Сепак, има надеж. Само што пишувавме за перспективноста на енергијата создадена од Сонцето, па останува да се надеваме дека човештвото ќе се вразуми и ќе започне со многу поактивно вложување во изворите на обновлива енергија.
Извор. NPR, The Guardian, IFLScience