Пред некое време пишувавме за создавањето на првиот синтетички геном користејќи ја алатката на „молекуларни ножички“ CRISPR (clustered regularly interspaced short palindromic repeats; Кластерирани еднакво меѓусебно оддалечени кратки палиндромни повторувања), која пак е позајмена од бактериите.
Науката не стои и напредува на сите полиња, па и кај генетиката. Па така, само што беше најавена веста дека за прв пат во историјата е создаден првиот генетски изменет човечки ембрион, и тоа во Кина. Научниците од Сун Јат-сен Универзитетот во Гванжоу ја искористиле гореспомнатата метода за од човечки ембрион да извадат еден ген наречен HBB. HBB е одговорен за фаталното пореметување на крвта, бета-таласемија. Ембрионите употребени во експериментот биле донирани од пациенти.
Тимот истражувачи го направил експериментот врз 86 ембриони. Тие го инјектирале растворот со CRISPR/Cas9 и потоа почекале 48 часа за да ги видат резултатите. Резултатите, пак, гласат вака: 71 преживеани ембриони, 54 од нив се генетски тестирани. Нажалост, само 28 биле генетски изменети, и само дел од нив го содржеле заменскиот материјал сервиран со молекуларните ножички. CRISPR/Cas9 претставува ензимски комплекс кој има способност да најде одредена секвенца во ДНК и да ја замени со друга. Научниците активно експериментираат со овој комплекс од 2012 година. Резултатите не се претерано оптимистични и истражувачите ја сопреле студијата бидејќи според нив треба да се постигне скоро 100% ефикасност во примената на овој метод пред да биде активно тестиран.
Ваквите истражувања имаат потенцијал да ни дадат начин да ги елиминираме многу од генетските болести кои не` мачат како човештво, како што се Паркинсонова болест, Даунов синдром, Хантингтоновата болест или некои типови на анемија. Од друга страна, секако дека ќе предизвикуваат бурни реакции кај етичарите, од кои веројатно повеќето се против ваквите експерименти бидејќи навлегуваат во суштината на животот и ја поминуваат етичката „црвена линија“.
Па сепак, технологијата не може да биде сопрена и кога-тогаш ќе ја постигне својата цел, отворено или прикриено. Секако дека постојат етички прашања кои ќе треба да се решаваат како што напредува човештвото, но тие ќе се третираат како прашањата околу нуклеарното оружје, пушките, биооружјата и слично.