Според зборовите на Весна Бајшански-Агиќ, извршна директорка на фондацијата „Мозаик“, еден од организаторите на оваа конференција, кога мрежата SIGN започна со работа во 2008 година, зборот „филантропија“ беше речиси непознат збор, кој се однесуваше исклучиво на хуманитарни донации, додека денес, во 2021 година, забележуваме тренд на стратешко донирање од страна на деловниот сектор, преку кој се дава стратешки и планиран придонес во развојот на заедниците во кои живееме и работиме. „Филантропските донации секогаш растат во кризни ситуации, а ние за жал живееме во кризни времиња. Како одговор на новите околности, важно е секој од нас, и на личен, и на професионален план, да разбере дека може и треба да биде филантроп“, истакна Бајшански-Агиќ во име на мрежата SIGN.

Круна на настанот беше доделувањето на првата Регионална награда за филантропија на мрежата SIGN во две категории: Регионална награда на мрежата SIGN за корпоративна филантропија и регионална награда на мрежата SIGN за индивидуална филантропија. Жирито имаше тешка задача да донесе одлука, бидејќи номинациите вклучуваа имиња на компании и поединци, кои со своето несебично добротворство, негуваат солидарност и придонесуваат за заедниците во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и во Србија.

„Едукацијата, информирањето и инспирацијата за филантропски активности, се наши стратешки цели, кон чие постигнување дополнително се доближивме со доделувањето на првата Регионална награда за филантропија на мрежата SIGN за компании и поединци, кои воодушевија со своите филантропски активности во 2019 и 2020 година“, истакнаа од мрежата SIGN.

„Мило ни е што мрежата SIGN ги препозна нашите напори да ги поврземе локалните заедници во кои делуваме низ регионот и преку добротворство, бидејќи филантропијата треба да се покаже на дело, токму кога е најтешко. Затоа нашата компанија, минатата година, која е одбележана со пандемијата, издвои еден милион евра за општествено одговорни активности и поддршка на здравствениот систем. Оваа награда поради нејзиниот регионален карактер има посебно значење за нас“, изјави Тамара Веселиновиќ, директорката за корпоративни комуникации и маркетинг во МК Груп (MK Group) од Србија, компанијата која ја доби регионалната награда за корпоративна филантропија на мрежата SIGN.

Хајриз Хачко Брчвак, добитник на регионалната награда на мрежата SIGN за индивидуална филантропија и основач на фондацијата Хемијас (Hemiias), во своето обраќање истакна: „Фондацијата Хемијас не е една личност и веќе долго време е препознаена од луѓе кои имаат иста цел, а тоа е да ги направат другите среќни, но и самите себеси“. Ние луѓето сѐ правиме за среќа, која често знае да биде кратка. Ако сакате да најдете среќа која е долготрајна и не избледува, тогаш треба да  усреќите некој друг, дури и кога ни се чини дека другиот не ја заслужува нашата помош“.

Жирито додели и две специјални награди: Специјалната награда за филантропија на мрежата SIGN за мали и средни претпријатија, ја доби Мека ФУД (Meka FOOD) од Косово, а Специјалната награда на мрежата SIGN за филантропски придонес во развојот на науката и образованието, ја доби Александар Кавчич од Фондацијата Алек Кавчиќ од Србија.

Настанот беше организиран од мрежата SIGN, како церемонија на затворање на четиригодишниот проект финансиран од Европската комисија, Балканскиот фонд за демократија, Балканската мрежа за развој на граѓанското општество и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка. Мрежата SIGN ја сочинуваат Фондацијата Траг и Каталист Балканс од Србија, Фондот за активно граѓанство од Црна Гора, Фондацијата Мозаик од Босна и Херцеговина, Форумот на граѓански иницијативи од Косово и Хорус од Северна Македонија.

Претходна статијаФИТР за прв пат инвестира во иновациска инфраструктура преку финансирање на три лаборатории за производство „FAB LABS – Младите создаваат”
Следна статија“Ана“ (2021) – нова дистописка серија пристигнува на Pickbox NOW