СКОПЈЕ, 10.11.2022: Се е подготвено за 5. јубилејно издание на Конференцијата за е-трговија која ќе се одржи утре, во хотелот „DoubleТree By Hilton Skopje“ во Скопје, под мотото „E-commerce: Accelerate!”.

Врвни и еминентни експерти од големите светски брендови Тик-ток, Гугл, Пејонир, но и претставници од едни од најуспешните регионални бизниси ќе бидат дел од најавената висококвалитетна програма кои преку предавања, панел дискусии и неформални разговори ќе ги пренесат своите експертизи и искуства од областа на е-трговијата, дигитализацијата и дигиталниот маркетинг.

Конференцијата годинава за првпат доби регионален карактер и истата е најголема досега – се очекува да присуствуваат повеќе од 500 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори и менаџери на компании и владини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Бугарија што ја прави уникатна и единствена во регионот во своето петто јубилејно издание.

– „Главниот акцент на годинашното јубилејно издание ќе биде ставен на забрзувањето како клучен дел од претприемачкиот екосистем за постигнување на раст и развој на бизнисите. Со забрзувањето доаѓа потребата за проширување на знаењето и имплементација на нови алатки, тактики, и стратегии. Многу компании успеваат да ја прилагодат е-трговијата како нивен примарен или дополнителен канал за продажба, но се уште не е остварен целосниот потенцијал кој го нуди е-трговијата за раст на бизнисите.“ – велат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, кои се организатори на овој настан.

Како дел од програмата официјално ќе се споделат податоци од годишниот преглед на анализата за е-трговија за 2022 година, ќе се зборува и за можностите кои ги нуди е-трговијата во регионот, за користењето на новите технологии и автоматизација на процесите, за промените на навиките кај купувачите предизвикани од е-трговијата, а ќе бидат споделени и совети за растење на бизнисите од најуспешните е-трговци во регионот.

Инаку, минатата година конференцијата за е-трговија беше домаќин на преку 400 учесници од 150 компании, организации, универзитети и владини институции од земјата и од регионот, а свои презентации имаа 30 говорници од 10 земји. 

Дека македонските компании се заинтересирани за унапредување на познавањата  од областа на е-трговијата, говори фактот дека сите влезници за овогодишното издание беа целосно распродадени една недела пред почетокот на конференцијата.

Претходна статијаПуштена iCloud интеграцијата кај новата Photos апликација во Windows 11
Следна статијаНовиот дизајн на Gmail на веб од овој месец станува единствениот достапен