Денес започнува годишната конференција за програмерите од Apple, World Wide Developers Conference, односно WWDC. Како и секоја година, нас не интересира првиот ден од конференцијата кога од компанијата ги презентираат наредните верзии од сите нивни оперативни системи. 

Презентацијата започнува во 19:00 часот по македонско време, а како и секогаш, ќе може да се следи преку YouTube.

Оваа година може да се каже дека беше од тие со доста голем број на гласини, па веќе имаме доста очекувања за тоа што би било презентирано денес. 

Кратко кажано, главното внимание ќе биде насочено кон доста голем редизајн на сите оперативни системи, а многу малку ќе се говори за Apple Intelligence. 

Редизајнот на системите треба да воведе стил кој е сличен со тој кај visionOS, односно повеќе проѕирни елементи, а исто така овој редизајн треба да донесе поголема унифицираност помеѓу системите на различните уреди. 

Уште една гласина се истакнува, а тоа е дека Apple ќе го промени начинот на којшто ги означува верзиите од системите, па денес го очекуваме презентирањето на iOS 26, iPadOS 26, macOS 26, watchOS 26 и соодветно кај останатите. 

Друго што се очекува од денешната презентација е нови верзии од Phone, Safari и Camera апликациите. Phone треба да добие нов изборен начин на прикажување на омилените контакти, последните разговори, како и гласовните пораки, на еден екран, додека Safari треба да добие проѕирни делови во согласност со редизајнот на целиот систем.

Уште една работа која се истакнува е најавата дека iPadOS ќе добие повеќе функции од macOS, нешто што одамна се бара, а повеќето од нив најверојатно ќе бидат достапни кога се користи тастатура. 

Остануваат само уште неколку часа до презентацијата, па ќе ги видиме сите работи официјално. 

Претходна статијаПовик до издавачите на онлајн медиуми – интернет портали за упис во регистар
Следна статијаMicrosoft во партнерство со ASUS претстави две нови играчки конзоли кои донесуваат важна новина кај Windows 11
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.