Фото: Apple

Apple денес го одржува нивниот „Awe Dropping“ настан на кого ќе биде претставена iPhone 17 серијата. Иако ова е нивниот стандарден настан кој секоја година се одржува во септември, сепак оваа година треба да биде нешто поинтересен.

Настанот ќе може да се следи преку YouTube и ќе почне во 19:00 часот по македонско време.

Главниот телефон кој ќе го привлече вниманието се очекува да биде iPhone 17 Air, нов модел во серијата кој треба да биде доста тенок, а се најавува дека дебелината на овој уред ќе биде само 5,5 милиметри. 

iPhone 17 Air можно е да започне нов тренд на пазарот, па и покрај неколку недостатоци поради малата дебелина, телефонот се очекува да биде доста популарен. 

Името кое прво се користеше „онака“, сега се смета дека ќе биде официјално и уредот ќе биде поставен на сличен дел од производите како и другите Air производи од Apple.

Тоа значи дека iPhone 17 Air ќе биде под Pro моделите, но над основниот модел кој сега ќе биде само еден, односно веќе нема да има Plus модел кој може да се каже дека е заменет. 

Втора „поголема“ работа на настанот ќе биде промената на дизајнот кај Pro моделите, нешто што ќе донесе промена после пет години користење на буквално истиот дизајн. 

Модулот за камерите на задната страна сега ќе се простира по целата ширина на уредот, па сензорите ќе бидат поставени нешто подалеку од камерите, во споредба со сегашната поставеност. 

За овие телефони се најавува и дека повторно ќе дојдат со рамка од алуминиум, наместо сегашната од титаниум. Причините за ова се истакнува дека најверојатно се поврзани со подобрата способност за распределување на топлината на алуминиумот, а овие два модели изгледа ќе бидат и првите iPhone телефони кои ќе користат комора за испарување. 

За Pro моделите се најавува дека ќе имаат доста добро подобрување кај батериите, но не со новата силициумска технологија. Подобрувањето во главно ќе дојде од новиот A19 Pro чип, како и малото зголемување на капацитетот. 

На настанот се очекува и нов Apple Watch Ultra 3 кој нема како минатата година да добие само различна боја. Овој часовник се најавува дека ќе добие нешто поголем екран, подобар чип, а можно е да дојде и со можност за следење на крвниот притисок. 

Претставен ќе биде и Apple Watch 11, а се најавува претставување и на нов Apple Watch SE. 

Претставена ќе биде и третата генерација од AirPods Pro за која се најавува дека ќе донесе помала кутија за полнење, како и мерење на пулсот директно од слушалките.

Претходна статијаOLED телевизорите на Samsung од 2025 сертифицирани од VDE како „Real Black“ дисплеј за водечки квалитет на слика во индустријата
Следна статијаЗаврши јубилејното 15. издание на Баскерфест – фестивал кој повторно ја оживеа уличната сцена низ Македонија
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.