Во понеделник (30 декември), со специјален настан ќе биде одбележан значајниот момент заодбројување на 200 дена до почетокот на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025. Со овој настан, започнува ново поглавје во подготовките за еден од најпрестижните мулти-спортски настани во Македонија, кој ќе ја обедини европската младинска спортска елита во Скопје и Куманово.

Во духот на спортот и заедништвото, настанот за одбројувањето ќе ги собере младите спортисти, претставници на македонската спортска сцена и маскотата Shiny – симболот на фестивалот. Настанот ќе вклучува интерактивна дружба со Shiny, кој ги претставува клучните вредности на ЕМОФ: единство, пријателство, почит и спортски дух. Покрај тоа, младите спортисти ќе изведат уникатна кореографска точка, со која ќе испратат порака за инспирација, мотивација и поддршка до сите идни учесници на фестивалот.

Европскиот младински олимписки фестивал е настан кој има за цел да ги обедини најдобрите млади спортисти од Европа, овозможувајќи им да ги покажат своите таленти на највисоко ниво. Скопје и Куманово ќе бидат домаќини на повеќе од 4.000 учесници од 48 земји, кои ќе се натпреваруваат во 15 различни спортови, меѓу кои се и атлетика, кошарка, одбојка, ракомет, пливање, џудо и баскет 3×3.

Овој фестивал е од огромно значење за Македонија, не само како можност за промоција на државата како спортска дестинација, туку и како поттик за младите спортисти да се стремат кон поголеми успеси. Учеството на македонските млади спортисти ќе им овозможи драгоцено искуство, натпреварувачки дух и можност за создавање пријателства со врсници од целиот континент.

ЕМОФ Скопје 2025 не е само спортски настан – тоа е симбол на заедништво, солидарност и можност за трансформација на младинскиот спорт во Македонија. Одбројувањето од 200 дена до фестивалот е момент што го означува почетокот на една возбудлива етапа за македонскиот спорт, во која сите, од спортистите до граѓаните, ќе имаат можност да бидат дел од историјата.

Претходна статијаВтор „Математон“ во ПСУ ‟Јахја Кемал‟– Недела на Математиката
Следна статијаMicrosoft изгледа не се задоволни од соработката со OpenAI и брзината и исплатливоста на нивните јазични модели