Јован Андонов, асистент

Од демонстратор на ФИНКИ, до асистент на ETH во Цирих. Секогаш со огромна пасија кон вештачка интелигенција и машинско учење. Јован Андонов е успешен Македонец во Швајцарија. Таму е веќе втора година каде ги привршува своите мастер студии. Неодамна е примен да работи на својот факултет. По тој повод го контактиравме за да ни раскаже за своите досегашни искуства и да ни ја открие формулата за успех. Колку е важно академското образование? Што е со практичното искуство? Колку е доволно за да се излезе надвор? Деталите во прилог ?

1. Кој е Јован во неколку црти?

Јас сум Јован Андонов, имам 25 години и моментално сум мастер студент и асистент на ETH во Цирих. Се сметам за филмоман, а кога би морал да издвојам пет омилени филмови, тоа би биле: Shawshank Redemption, Good Will Hunting, 12 Angry Men, Legends of the Fall и There Will Be Blood.

Работам и учам исклучиво со музика, а жанрот варира од македонски шлагери, па се’ до електронска музика во зависност од расположението. Израснав со спорт, а посебно при срце ми се адреналинските спортови. Како дете тренирав тенис и скијање, а моментално рекреативно се занимавам со качување по карпи, сурфање на ветер, возење точак по планини, бордање и слично. Од материјален аспект сакам часовници, коли и едрилици, а од социјален обожавам board-games, дебатирања и главење во Балет до 6 сабајле.

2. Зошто токму Цирих, зошто Швајцарија?

Па искрено, не ја одбрав земјата, туку факултетот. Кога се решив да аплицирам на мастер студии, реков дека ќе аплицирам на неколку од 10-те најдобри факултети во светот, па доколку ме примат, ќе одам на мастерс, во спротивно ќе почнам да работам во Скопје. Аплицирав на MIT, Carnegie Mellon, Cambridge и ETH. MIT и Carnegie Mellon ме одбија, а Cambridge и ETH ме примија. На крајот одлуката помеѓу Cambridge и ETH беше донесена на финансиска основа. Во секој случај, откако дојдов во Цирих, со задоволство можам да кажам дека воопшто не погрешив ниту со факултетот, ниту со земјата. Швајцарија е дефинитивно најсредената земја во која сум бил, од секој можен аспект.

3. Кои се разликите во образовните системи на Македонија и Швајцарија?

Не им го познавам целокупниот образовен систем во детали, меѓутоа нешто што имам забележано е дека голем акцент се става на стручните виши школи и дека не е срамота ако не запишеш / завршиш факултет. Исто така, интересен концепт што се спроведува кај мене на факултет е тоа што во додипломските студии нема квоти и приемни испити. Секој што ќе аплицира се прима, а селекција на најдобрите кои ќе продолжат понатака се прави после првата година.

4. Што студираш поточно?

Студирам машинско учење и вештачка интелигенција, а моментално најмногу сум насочен кон подкатегоријата “обработка и разбирање на природни јазици”, за кој предмет и сум асистент на ETH. За оние што не се толку упатени, оваа област се занимава со развивање на интелегентни компjутерски системи кои би биле способни да ги процесираат, разбираат и враќаат на информациите добиени од луѓето преку природните јазици. Грубо, може да кажеме дека главните проблеми кои оваа област се обидува да ги реши се: препознавање на говор, разбирање на природни јазици и соодветно генерирање на одговори разбирливи за луѓето.

5. Раскажи ни за твоето досегашно искуство. На кои интересни проекти си работел во текот од студиите? Кои технологии си ги користел?

Она што исклучиво ми се допаѓа на ETH е тоа што има одличен баланс помеѓу теоретскиот и практичниот дел. Од теоретска гледна точка се навлегува до најдлабоките математички детали, меѓутоа истовремено, од практична гледна точка секогаш се работи со најновите и најдокажани технологии. Во мојата област, во истражувачката сфера, најмногу се користи Python, кој скоро секогаш се комбинира со библиотеки како scikit-learn, tensorflow, keras и слично. Од друга страна, во индустријата се користат истите библиотеки, но во комбинација со различни програмски јазици, во зависност од преференците на компаниите.

Дел од проектите на кои сум работел како дел од студиите на ETH се:

  • предвидување на годините, когнитивното здравје и полот исклучиво врз база на слики од магнетна резонанца на мозокот
  • предвидување на расположението на луѓето врз база на нивните твитови
  • модел на јазик, односно програма способна да генерира граматичко исправни и разбирливи реченици од даден јазик
  • chatbot, односно разговорен агент кој е способен да прави некаков основен и ограничен муабет со корисникот
  • автоматско препорачување на вести врз база на автоматско препознавање на преференциите на корисниците итн.

Јован Андонов

6. Кое искуство ти помогна најмногу за да успееш да станеш асистент на ETH во Цирих?

Отсекогаш сум бил зборлесто дете и сум сакал да “солам памет”, па мислам дека желбата за предавање корените ги влече токму од таму. Уште кога бев четврта година средно почнав да спремам средношколци од прва и втора година за натпревари програмирање. Кога дојдов на ФИНКИ, почнав да држам приватни часови, а понатака бев и демонстратор по неколку предмети. Би рекол дека љубовта кон предавањето и сите овие искуства ме имаат направено добар предавач, а добриот просек и CV ми овозможиле да ги добијам потребните шанси за да се покажам.

7. Колку е важно работното искуство за да се излезе надвор?

Би рекол дека за да се излезе надвор по академски пат, работното искуство воопшто не е важно. Примарно е да се биде добар студент, односно да се има висок просек и награди од релевантни натпревари. Од друга страна, за да се излезе надвор како професионалец и те како е важно работното искуство. Сепак, она што им е најважно на работодавците е квалитетот. Дали тој квалитет е стекнат со една или пет години работно искуство, ним им е на второ место.

8. Тогаш, во што е формулата за успех?

Татко ми секогаш вика дека има едно универзално мерило за тоа колку е некој успешен, а тоа е:

“Колку ги правиш работите што сакаш, наспроти колку ги правиш работите што мораш”.

Како цврст поддржувач на оваа филозофија, сметам дека најважно е да најдеш нешто што го сакаш, а потоа и да станеш меѓу најдобрите во тоа. За тоа е најпрво потребна јасна визија и цел, а потоа многу труд, истрајност и по некоја жртва.

9. Кои се твоите идни планови? Дали се гледаш во наука или претприемништво?

После овој семестар ми останува уште мастер тезата, меѓутоа пред неа најпрво ќе правам две пракси. Првата пракса ќе биде во IBM Research во Цирих и ќе се одвива од мај до август летово, а втората пракса ќе биде Amazon во Ахен и ќе се одвива од октомври до јануари наредната година. После двете пракси, ќе ја завршам тезата и планот ми е да се обидам да останам на докторски студии кај мене на факултет. Што се однесува до претприемништвото, моментално ми е на втор план, но и не звучи така лошо кога ќе се замислам како професор на факултет со бизнис настрана за десетина години од сега ?

10. За крај, што би им порачал на читателите на Смартпортал?

Сметам дека се’ уште најлесниот пат до успехот е формалното образование и дека поголемиот дел од студентите во Македонија го потценуваат истото и важно им е само да го завршат факултетот. Имам чувство дека кај нас исклучително мал број на студенти влегуваат на факултет со желба и решителност да имаат добри оцени и да бидат меѓу најдобрите во она што го одбрале. Затоа, првата порака ми е токму спротивното. Трудете се да бидете добри студенти, затоа што тоа секогаш ќе биде мангупски!

Втората порака ми е дека доколку се посветите исклучиво на формалното образование ќе бидете тапа мангупи. Спортувајте, патувајте, гледајте филмови, читајте книги, интересирајте се и дискутирајте за социјално-политички теми, излегувајте, забавувајте се! Трудете се да станете една комплетна личност која е способна да донесе промена во општеството и кога ќе станете таа личност, донесете ја промената.

Претходна статијаNASA ќе испрати пчели роботи на Марс?
Следна статијаFacebook ќе воведе „unsend“ функција за сите корисници по откритието дека тоа е правено за Закерберг