Фото: Shutterstock.com

Минатата недела Елон Маск најави дека договорот за купување на Twitter го става во мирување поради информациите дека на мрежата има помалку од 5% лажни и спам сметки, нешто за кое тој смета дека не е точно.

Зошто дури сега ова се доведува во прашање не е баш познато, но Маск истакна дека тој верува дека на мрежата има барем 20% лажни и спам сметки, а таа бројка може дури и да е поголема. Тој ги повикува и неговите следбеници да направат сопствена проверка, но навистина не е јасно како може такво нешто да се изведе и да се смета за меродавно.

Бројката на лажни и спам сметки прави голема разлика за вредноста на Twitter затоа што вистинските сметки се тие кои и носат заработка на компанијата, па доколку со таа бројка навистина се манипулира, новиот сопственик би можел да биде изненаден по добивањето на пристап до ваквите информации.

Доколку се докаже дека бројката на лажни и спам сметки навистина е толку голема, може да се постави и прашањето за одговорност на одборот на директори пред акционерите на компанијата, чии акции би изгубиле на вредност.

Од друга страна, Маск е обвинуван за прекршување на договорот за тајност кој го има со компанијата при процесот на нејзиното купување, па доколку неговите информации се покажат како неточни и тој се соочува со можни правни проблеми од страна на акционерите.

Во една од своите објави, Маск истакна дека проверката за тоа колку од неговите следбеници се лажни и спам сметки ќе ја направи на основа на случајно избрани 100 сметки, нешто што е премалку за да може да се донесе точен заклучок.

Причината поради која тој би направил проверка на 100 сметки е поради тоа што на истиот начин тоа го прави и Twitter, тврди тој, а тука е и главниот проблем за кој е обвинет од страна на одборот.

Во основа, проверката на сметките не може да се направи на бројка помала од повеќе илјадници, па можеби и стотици илјади сметки, за да може да се добие меродавен резултат. На тоа треба да се проверат и методите кои се користат за да се избегне пристрасност кај резултатите.

Како тргнале работите, веќе не е јасно дали Маск сепак ќе стане сопственик на Twitter, а доколку се откаже од тоа, според договорот за купување тој би требало да плати 1 милијарди долари како казна.

Една од можностите за продолжување на договорот е и намалување на првичната понуда од 44 милијарди долари која тој треба да ја плати, но не се знае во овој момент дали тоа е можно и дали би било прифатено од страна на одборот на директори и акционерите.

ИЗВОРCNBC
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаHuawei ќе ги презентира можностите за „девелопери“ на конференцијата Nordic Game
Следна статијаПреку Сеавус академијата за програмери до обучени Front-end „девелопери“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.