Mi Band pic

На посебна прес конференција вчера во San Francisco, Xiaomi најави дека планира да влезе на американскиот пазар оваа година. Продажбата на производите ќе се врши преку веб страната на компанијата, која што сега ќе биде отворена за корисниците во САД.

Сепак, влегувањето на пазарот за почеток ќе биде со еден мал чекор. Мобилните телефони и таблет компјутери од компанијата, кои што ја добија својата популарност поради ниските цени и високи перформанси, нема да бидат достапни за корисниците. Нивната продажба не се исклучува за некој друг период во иднина.

Она што корисниците ќе можат да го купат од компанијата се другите производи од нивната понуда, кои што вклучуваат слушалки, преносни батерии, фитнес алки и слично.

Според Hugo Barra, компанискиот потпретседател на глобално ниво, продажбата на мобилните уреди на одреден пазар бара големи прилагодувања кои што вклучуваат и добивање на одредени лиценци, како и договори со операторите. За почеток ќе ги запознаат корисниците со брендот преку останатите производи, а кога би се понудиле и мобилните уреди останува да се најави во иднина.

Инаку Xiaomi моментално е на третото место во светот помеѓу производителите на мобилни телефони. На домашниот пазар, односно во Кина, компанијата го држи првото место кое што го превзема од Samsung.

Главната причина за големиот успех се уредите кои што се секогаш со пониска цена од конкурентите во истата класа. Се работи за уреди кои што ги нудат сите компоненти достапни кај познатите конкурентни модели.

Исто така познато кај уредите од Xiaomi е корисничкиот интерфејс MIUI. Се работи за изменета верзија на Android оперативниот систем која што беше позната помеѓу корисниците и пред претставувањето на свои мобилни од компанијата. Често споредуван со iOS, MIUI доаѓа со едноставен и модерен кориснички интерфејс и може да се каже дека е една од најголемите предности за корисниците на овие уреди.

Извор: PCWorld, Engadget, Gigaom

Претходна статијаApple воведе дво-факторска автентикација за iMessages и FaceTime сервисите
Следна статијаПовеќе информации за новата верзија од TouchWiz во Galaxy S6
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.