Xiaomi_Mi_IH_Pressure_Rice_Cooker

Брендот кој кај нас е пред се познат по своите паметни телефони, има портфолио и на многу други производи за домот, на кои отсега ќе им се придружи и паметен готвач на ориз, кој се управува со апликација во вашиот паметен телефон и има за цел да го направи секој ориз совршено сварен.

Оние кои готват знаат колку ова може да претставува проблем – секој различен тип на ориз има различно време на варење и впива различна количина на вода, па најчесто решението е да пробате неколку пати додека не го погодите.

За таа цел, апликацијата за паметниот телефон може да го скенира бар кодот на оризот кој ќе го варите и да го прилагоди готвачот според потребите. Од производителот велат дека апликацијата засега може да препознае преку 200 брендови на ориз и има 2.450 различни комбинации на варење.

Mi_IH_Pressure_Rice_Cooker_app

Самиот готвач инаку готви со повисок притисок од атмосферскиот, поточно 1,2 атмосфери, со цел да се задржат сите витамини во оризот, но и готвењето на биде побрзо – на овој притисок водата врие на 105 степени. Одвнатре, садот е изработен од сив лив кој одлично ја распространува топлината од индуктивните грејачи и кој е обложен со нелеплива Neoflon пудра на производителот Daikin.

Цената на овој интересен готвач на ориз во Кина ќе изнесува 150 долари и скоро сигурно нема да биде достапен на нашиот пазар. За кај нас, би било добро ако Xiaomi може да направат некој паметен уред за правење ајвар – шега која сум сигурен во нареднава деценија ќе стане и секојдневие, бидејќи паметните кујнски уреди дефинитивно ќе го гледаме се повеќе на полиците во продавниците за бела техника.

Извор: The Verge, Engadget, TechCrunch

Претходна статијаAcer Chromebook 14 е алуминиумски Chrome OS лаптоп со батерија која трае 14 часа
Следна статијаWindows 10 наскоро ќе има “Handoff” функција како во OS X ?