Холограмите од научната фантастика, веќе се достапни и во реалниот свет, благодарение на Voxiebox, првиот уред кој може да прикаже 3D холограми, без потреба од посебни очила или уреди, каков што е HoloLens на пример.
Импресивната технологија која стои зад овој холограм е развиена со цел да се користи за играње игри, но и за едукативни потреби или пак за развој и цртање на 3D oбјекти, а би можела да е и интересно решение за комуникација со некого како во Star Wars, наместо досадните 2D видеа…
Најдоброто од се е што 3D објектот ќе може да се гледа од сите агли, што значи ќе може да го гледа група на луѓе, а со него може и да се управува, на пример со Xbox контролери како што е прикажано на сликата – супер за друштвено играње, на пример на 3D фудбалче.
Но, сигурно веќе се запрашавте како функционира? Во долниот дел на уредот се наоѓа моќен компјутер, кој е потребен за да може да ги прикаже сложените 3D објекти, додека во горниот дел на уредот има 7 инчен дисплеј, кој се движи горе-долу во просторот со 3.000 фрејмови во секунда.
За човечкото око, ова е доволно за да го распознае како 3D објект во просторот, бидејќи нашиот вид не може да распознае толку многу слики во толку краток временски период и нив ги генерира како целосен просторен објект. Исто како што 24 слики во секунда се доволни за квалитетно искуство кај (скоро) сите филмови што ги гледаме.
Софтверот на Voxiebox исто така игра голема улога, бидејќи ги сече 3D објектите на 192 слајдови, кои се прикажуваат едно по друго со движењето на дисплејот горе-долу, односно вкупно 3.000 слајдови во една секунда.
Voxiebox дисплејот може да биде и поголем – создавачите ветуваат дека со актуелната технологија може да се оди до двојно од оваа големина, односно до дисплеј со големина од 14 инчи. Сепак, за поголеми дисплеи ќе треба да се развијат нови технологии, што со оглед на брзината со која се движи технологијата, веројатно не е многу далеку од нас.
Проектот веќе е влезен во Indiegogo кампања за финансирање, а SDK-то е достапно за сите дивелопери кои сакаат да развијат софтвер за него. Од фирмата објавија и соработка со SpaceX програмата, каде нивниот уред би можел да се користи за развој на 3D модели на сателити.
Зад Voxiebox инаку стојат Гевин Смит, Вил Тамблин и Кен Силверман (човекот кој стои зад Duke Nukem) и тие веќе го развиваат три години за да стигнат до овој стадиум. Искрено се надевам дека ќе бидат добро финансирани и дека проектот ќе биде набрзо достапен и за нормалните купувачи, бидејќи холограмите се навистина кул, особено за вљубениците во Sci-Fi книгите и филмовите.
Извор: Mashable, Voxiebox, TechCrunch