Мини компјутерите, односно компјутерите кои што се направени да работат на една мала матична плоча, стануваат популарни со појавата на Raspberry Pi и слични. Овие компјутери се наменети за развивачите на хардвер, драјвери, но и за ентузијастите и во едукативните институции. Доаѓаат во мала големина и вклучуваат основен хардвер кој што може да се користи како обичен компјутер. Една од главните карактеристики на ваквите компјутери е нивната цена која што обично се движи околу 30-тина долари.
Sharks Cove е мини компјутер кој што работи на Intel Atom процесор и е компатибилен со Windows 8.1. Наменет за развивачите, сепак не доаѓа со пристапноста која што ја нудат конкурентите поради прилично високата цена која што изнесува 300 долари. Сепак од Microsoft нагласуваат дека Sharks Cove доаѓа со нешто подобар хардвер од конкурентите, а и во цената е вклучена лиценцата за Windows 8.1, па се надеваат дека таа нема да претставува голем проблем.
Овој мини компјутер е направен во соработка помеѓу Microsoft, Intel и CircuitCo. Доаѓа со димензии од 10,16 x 15,24 cm, четири јадрен Intel ATOM Z3735G процесор кој што работи на 1.33GHz до 1.88GHz, 1GB RAM меморија, 16GB внатрешна меморија, HDMI, USB и повеќе. Доколку сакате да ја видите деталната листа на карактеристики на уредот, тоа можете да го направите преку официјалната страна на следниот линк.
Иако можеби Raspberry Pi и другите би биле попривлечни за повеќето ентузијасти и развивачи, сепак Sharks Cove може да се користи за развивање на софтвер и драјвери за Windows уредите. Исто така овој уред може да се користи и за развивање за Android уреди кои што работат на Atom процесори.
Извор: PCWorld, MSDN, SharksCove