Фото: Shutterstock.com

Во јуни оваа година можевме да прочитаме дека Apple наводно планира да додаде уште еден лаптоп во MacBook серијата, кој би дошол со најниска цена од сите. Главната карактеристика на овој поевтин MacBook би бил чипот од А серијата, односно чип на кој работат iPhone телефоните. 

Веднаш може да се заклучи дека еден ваков MacBook би имал за цел да им конкурира на поевтините на пазарот, како на пример Chromebook уредите и поевтините Windows лаптопи кои ги има доста. 

Чипот којшто се очекува за овој MacBook e А18 Pro, односно чипот на којшто работи iPhone 16 Pro, што значи дека иако не може да се очекуваат перформанси како со М серијата чипови, ова не би бил бавен лаптоп. 

Дека Apple најверојатно работат на овој MacBook сега потврдуваат и од DigiTimes, кои го најавуваат за до крајот на годината или евентуално почетокот на идната. Според нив, масовното производство би започнало до крајот на третата четвртина од 2025 или на почетокот од последната четвртина. 

Покрај A18 Pro чипот, лаптопот се очекува дека ќе дојде со нешто помал 12,9 инчен екран, а и ќе нема поддршка за Thunderbolt поради чипот. Ова не би требало да е проблем за корисниците кои гледаат да го купат најевтиниот MacBook на пазарот. 

Инаку, цената која се најавува изнесува 599 или 699 долари, што е цена во САД без данок, а моментално најевтиниот MacBook кој може да се купи е MacBook Air и има цена од 999 долари. 

ИЗВОРMacRumors
Претходна статијаДали корисниците премногу му веруваат на ChatGPT и советите кои ги дава ?
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.