Apple вчера ја претстави наредната генерација од нивниот чип за компјутерите, односно чип од М серијата. M5 чипот доаѓа во новите верзии од MacBook Pro, како и во iPad Pro и Vision Pro уредите.
Како главна новина кај М5 Apple ја промовира доста подобра можност за работа со вештачка интелигенција, поточно машинско учење и големи јазични модели. Тука секако се мисли за програмерите кои работат со развој на алатки со ВИ, а не на обичното користење од страна на корисниците.
Чипот е направен со третата генерација од 3nm технологија на TSMC, а доаѓа со 10 јадрен процесор, 10 јадрен графички процесор, како и 16 јадрен неврален процесор.
Невралниот процесор доаѓа со подобрување во споредба со претходните генерации, а корисниците можат да очекуваат подобра работа со алатките со вештачка интелигенција.

М5 доаѓа со 30% побрза обединета меморија, односно истата сега работи до 153GB/s, што кога ќе се земе во предвид дека на чиповите од Apple се функционира од еден систем, придобивките се големи.
Главното подобрување кај М5 доаѓа од графичкиот процесор, кој овозможува до 4 пати подобри перформанси за програмерите кои работат со развој на вештачка интелигенција, односно машинско учење и големи јазични модели, меѓу другото.
10 јадрениот графички процесор сега доаѓа со „неврален забрзувач“ во секое од јадрата, па видот на процеси кои се потребни за ВИ треба да функционираат многу побрзо.
Графичкиот процесор донесува подобрувања и за „обичните“ корисници, како и професионалците. Истиот доаѓа со 30% подобри перформанси во споредба со М4, а тоа подобрување е за 2,5 пати поголемо во споредба со М1 чипот.
Со овој чип доаѓа третата генерација од технологијата за „ray tracing“ од Apple, заедно со втора генерација од „dynamic caching“. Игрите, како и апликациите за видео измена, треба да функционираат побрзо, како и да имаат подобри ефекти.