Luna е навлака за душекот од вашиот кревет која што е наменета да го претвори во паметен. Веќе сме научени да гледаме се повеќе вакви производи, па слободно може да се каже дека само следиме да видиме што наредно ќе биде претставено.
Она што ја прави паметна оваа навлака е поврзаноста со мобилните уреди, како и вградените сензори кои што овозможуваат одредени функции како следење на спиењето, поврзување со други паметни уреди, аларм и слично. Очекувано доаѓа во неколку големини, па би требало да биде погодна за повеќето стандардни големини на кревети, односно душеци.
Паметната навлака е замислена да биде многу повеќе од само поврзан уред кој што ќе ги следи вашите навики на спиење. Со поврзувањето со други паметни уреди, како што се термостати, а понатаму и паметни брави, паметни штекери, кафемати и слично, таа ќе биде во можност да ги прилагоди сите овие уреди со вашиот животен стил. Тоа значи дека кога ќе легнете да спиете, ќе се исклучат светлата, ќе бидат заклучени надворешните брави, а наутро, ќе бидете дочекани со загреано кафе од кафематот.
Од другите функции, Luna овозможува контрола на температурата на креветот и тоа поделено во двете половини доколку се работи за поголем кревет. Тоа овозможува да наместите различна температура за вас и вашиот партнер, па и на двајцата да би биде удобно. Luna исто така ги учи вашите навики, па во времето кога обично легнувате да спиете, температурата е веќе прилагодена. Во текот на ноќта, температурата константно се следи и прилагодува на наместените вредности.
За време на спиењето, Luna исто така го следи и целиот процес, како движењето, пулсот и слично. Тоа овозможува да прикаже одредени статистики врз основа на кои што потоа се предложуваат промени на навиките за подобро спиење.
Наутро, со следењето на циклусот во кој што се наоѓате, навлаката ве буди во моментот кога ќе биде најпогодно за вас да не се чувствувате поспани. Ова е нешто што го нудат повеќе уреди и апликации, меѓутоа тие бараат да имате некаков уред со вас во креветот, па доколку како во овој случај се работи за навлака, целиот процес е многу попогоден.
Luna моментално е понудена преку Indiegogo платформата и може да се нарача по цена од 200 долари, па нагоре, зависно од периодот на нарачка. За успешно завршување на прибирањето на средства потребни се 100.000 долари, пари кои што се веќе надминати за скоро 5 пати на 25 дена до истек на рокот.