Технологијата полека навлегува во сите производи кои што ги користиме одамна, па и во такви во кои што можеби и не би очекувале. Компанија од Индија работи на развој на паметни чевли и паметни влошки за чевли кои што се поврзуваат со вашиот мобилен телефон преку Bluetooth. Во основа овие чевли се наменети за лицата со проблеми со видот, меѓутоа од компанијата истакнуваат дека и другите би можеле да најдат корист во нив.
Во основа овие чевли се направени да се поврзат со Google Maps на вашиот мобилен телефон, па кога ќе изберете одредена локација каде што сакате да одите, тие вибрираат за да ви покажат во кој правец треба да се движите. Соодветно на насоката на движење, вибрира левата или десната чевла, па така ќе знаете во која насоката да продолжите да се движите. Од ова можете да ја видите користа која што би ја имале лицата со проблеми со видот, но исто така корисни би биле и за користење во ситуации кога не ви одговара цело време да го проверувате вашиот мобилен телефон, како на пример при планинарење, возење велосипед и слично.
Чевлите и влошките исто така може да се користат за мерење на направените чекори, односно изминатата далечина, како и мерење на потрошените калории. Логично би било паметни чевли да може да се користат како фитнес мерачи, нешто што е доста популарно во денешно време.
Lechal чевлите, како и влошките за чевли кои што се наменети за користење со вашите чевли, се’ уште не се достапни за корисниците, односно тие можат да се регистрираат за подоцна нарачка. Продажбата на чевлите треба да започне од Септември и ќе чинат околу 150 долари, се разбира за пар.