На Computex настанот кој што се одржува во Taipei, Intel претстави концепт кој што ќе овозможи компјутерите да работат без потреба од користење на кабли. За ова да биде возможно тие ќе користат неколку безжични технологии преку кои што компјутерите ќе добиваат електрична енергија, ќе се поврзуваат со мониторите, тастатурата и маусот.
Оваа идеа се најавува да биде достапна до 2016 година, а ќе биде овозможена од наредната генерација на чипови од Intel, наречени Skylake. За тргањето на каблите од компјутерите, од Intel предлагаат користење на две технологии кои што моментално функционираат или се во развој. Едната е Razence, технологија за безжично полнење на уредите користејќи магнетна резонанса. Ваквата технологија не е нешто ново, иако истата е во развој и се’ уште нуди ограничена слобода во полнењето, односно уредите мора да бидат многу блиску едни до други за да може да дојде до размена на енергија. Razence овозможува полнење на повеќе уреди, а не само на еден преку дрвена маса со дебелина од 5 сантиметри. Концептот на Intel ја користи оваа технологија која што е вградена во работните маси, па компјутерот ќе се полни со поставување на неа. Истата ќе може да полни и дополнителни уреди, како вашиот мобилен телефон, таблет компјутер и слично во исто време додека е вклучен десктоп компјутерот.
Другата технологија која што е дел од овој концепт е WiGig безжичниот стандард кој што овозможува пренос на податоци со брзина од 7 Gbps. Преку оваа технологија ќе се поврзуваат мониторот, како и тастатурата и маусот. Оваа технологија ќе биде доста применлива за концептот на хибридни уреди кои што ги промовира Microsoft со нивниот Windows 8. Корисниците ќе можат да го користат нивниот таблет компјутер со овој оперативен систем кога се надвор на пример, па секогаш кога ќе дојдат со нивната маса, се што треба да направат е да го постават уредот на неа и тој автоматски ќе се поврзе на електрична енергија, како и со мониторот, тастатурата и маусот.