Досега, „2 во 1“ моделите на лаптопи, кои можат да се користат и како таблети, зафаќаа помали димензии – максимум до 14 инчи големина на дисплејот. Сепак, дека секогаш може и повеќе докажа Dell, кој ја претстави серијата Inspiron 7000, која вклучува огромен 17 инчен лаптоп со дисплеј кој може да се сврти за 360 степени.
Целата серија не ја сочинува само големиот лаптоп – има и модели со дисплеи од 13 и 15 инчи. Сите модели, благодарение на вртливиот дисплеј, можат да се користат во посебниот „шатор“ мод, кога се веројатно и најупотребливи, бидејќи никој не би сакал да држи толку големи лаптопи како таблет во рацете.
„Шатор“ модот инаку делува употреблив за гледање филмови, но и за играње игри кои бараат дисплеј на допир, додека таблет модот би бил единствено употреблив за играње на игри со двајца играчи, барем за поголемите модели. Inspiron 7000 моделите можат да бидат опремени со максимум Full HD резолуција на дисплеите, што е многу солидно со оглед на класата.
Inspiron 7000 моделите се инаку изработени од алуминиум, што е реткост во оваа класа, а се опремени со Core i3, Core i5 и Core i7 процесори од шестата генерација. Како и скоро секој нов компјутер претставен на Computex и Inspiron 7000 серијата доаѓа со USB Type-C приклучок. Цената на Inspiron 7000 моделите почнува од 799 долари.
Покрај Inspiron 7000, Dell ја претстави и Inspiron 5000 серијата, која има слични можности перформанси, како на пример Full HD резолуција и Core “i” процесори, но пластична изработка и модели само со големина од 13 и 15 инчи, како и Inspiron 3000 „2 во 1“ компјутер со 11 инчен дисплеј и Intel Celeron дисплеј, кој чини само 249 долари.
Извор: TechRadar, Windows Central, Laptop Mag