2016-01-1416-28-46

Според израелскиот Compulab, кулерите во нашите компјутери веќе не се „кул“ – нивната нова десктоп машина, која има мошне солидни перформанси има само пасивно ладење. Да, во овој компјутер нема ниту еден кулер, ниту пак водено ладење.

Пасивните ладења веќе подолго време постојат кај десктоп компјутерите и денес може да се направи доста солидна машина за канцелариско работење, која ќе биде максимално тивка, но за помоќните компјутери, како на пример десктоп машините, не е возможно да работат процесорот и графичката без добро ладење – кулер или водено.

Дизајнот на Airtop сепак дозволува без проблем да работат Core i7-5775C процесор и Nvidia GTX 950 графичка во синергија (1968 долари) или пак Intel Xeon E3 процесор со Nvidia Quadro графика за оние кои сакаат машина наменета за работење со графика (2999 долари). Иако ова не се најмоќните компоненти, сигурно ќе завршат добра работа за играње на поновите игри или пак за работење со едитирање на 4K видео кај втората верзија.

Airtop има и серверска верзија, кој го има истиот Intel Xeon E3 процесор, но без графичката, а плус 32 GB серверски ECC рам, четири хард дискови во RAID конфигурација и 6 Gigabit Ethernet порти за мрежно поврзување, која чини 1810 долари. За оние кои пак сакаат да имаат контрола над компонентите, ќе има и „гола“ верзија, со куќиштето и LGA1150 матична плоча, специјално дизајнирана за него, која чини 1128 долари.

Досега сигурно се прашавте како работи ладењето на Airtop. Како и кај секој систем со пасивно ладење и тука има бакарни цевчиња, кои брзо ја распределуваат топлината на поголема површина странично од куќиштето – една страна за процесорот, една за графичката. До нив има 14 цевки вградени во страничните панели, низ кои поминува атмосферскиот воздух, односно оној од вашата соба, кој потоа ја испушта топлината од горниот дел на куќиштето преку конвекција. Системот може да „олади“ максимум 200 W од процесорот и графичката заедно.

Сепак, системот на Compulab има некои недостатоци. Напојувањето на пример мора да стои надвор од куќиштето и голема е веројатноста дека тоа ќе има кулер, кој сигурно ќе испушта звук, додека матичната е специјално дизајнирана за постарите Broadwell процесори на Intel, а не новите Skylake. Исто така, оваа матична не поддржува USB 3.1 или NVMe стандард за побрза комуникација со поновите SSD дискови.

Но, за оние кои сакаат апсолутна тишина додека играат игри или работат со сериозен софтвер, нема многу решенија, односно ова на Airtop веројатно и единственото.

Извор: PCWorld, ZDNet, SlashGear

Претходна статијаCAT S50c е робусен смартфон отпорен на вода, паѓање и удари
Следна статијаSony претстави нова светилка, која автоматски ќе го пушта телевизорот кога ќе влезете во собата