get-started-1408x792

Adobe, компанијата позната најмногу по Photoshop и Reader програмите, оваа недела ги претстави своите први физички производи, односно производите кои што не се софтверски решенија. Производите се наречени Adobe Ink и Slide и во основа претставуваат дигитално пенкало и линијар, наменети за професионалците, како уметници и архитекти. Заедно со овие два уреди, Adobe претстави и две нови апликации кој што се специјално направени за користење со нив.

На почетокот, како што и најчесто се случува, овие производи ќе бидат достапни за американските корисници и тоа корисниците на iPad уредите. Причината поради која што тие се достапни само за корисниците на iPad, како што објаснуваат до компанијата, е поради тоа што најголемиот број на нивните корисници се и корисници на производите од Apple.

Adobe Ink пенкалото е направено од алуминиум и има триаголна форма која што според тестирањата од странските портали, овозможува одлично чувство при негово користење. Се поврзува со iPad преку Bluetooth, како и со облакот, односно Adobe Creative Cloud, со што се овозможува копирање и зачувување на работата директно во облакот. Пенкалото на него има едно копче со чие што притискање се вклучува менито за прилагодување при работата со апликациите. Како и сличните производи, работата со пенкалото може да препознава колку јако притискате на екранот и со тоа да ја прилагоди јачината на нацртаната линија. Adobe Ink работи на батерија која што се полни еден час, по што овозможува до 8 часа на активно работење. Полнењето се прави преку посебна футрола, која што исто така служи за чување и пренесување на пенкалото.

quick-start-guide-1408x792

За разлика од пенкалото, Adobe Slide линијарот е пасивен уред, односно не користи енергија и не се поврзува со iPad уредот. Наместо тоа, тој на долната страна има две точки на допир кои што се направени да работат со капацитивните екрани. Со тоа се регистрира допирот на екранот и се појавуваат одредени форми кои што на корисникот треба да му овозможат нивно полесно цртање. Така на пример, покрај можноста за цртање на права линија, линијарот може да прикаже и други форми како триаголник, правоаголник и слично.

Двете апликации кои што се претставени заедно со уредите се наречени Adobe Line и Sketch. Иако тие се достапни за сите корисници, наменети се во главно за професионалците, односно за уметниците и архитектите. Апликациите се бесплатни во продавницата за апликации, но за отклучување на одредени додатни функции корисниците е потребно да имаат активна Creative Cloud претплата.

 

Претходна статијаSkype for Linux 4.3 достапен за надградба
Следна статијаCisco ја купува шведската софтверска компанија Tail-f
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.