Shutterstock.com

Huawei добива изгледа мало „олабавување“ на мерките со давање на дозвола да американската Qualcomm може да продава чипови на оваа компанија и покрај забраната за соработка која е на сила со повеќе дополнувања од страна на властите во САД.

Од Qualcomm имаат потврдено за Reuters дека ја имаат добиено дозволата за соработка, но и дека таа се однесува на одредени 4G производи поврзани со мобилните. Со други зборови, Qualcomm ќе може да ги продава своите нешто постари 4G чипови на Huawei, а според информациите и Intel има добиено исто така дозвола за соработка со оваа компанија.

Huawei сепак повеќе функционира со нивните Kirin чипови, но и тие се „загрозени“ од забраните поради тоа што за нивната изработка се користат дизајните од ARM, како и процесот на производство кој исто така доаѓа од компании кои имаат забрана за соработка.

Како што е познато веќе, забраната за соработка со Huawei доаѓа од американските власти кои ја обвинуваат оваа компанија дека соработува со кинеските власти и поради тоа претставува опасност по националната безбедност на САД.

Овие обвинувања секако се негираат од страна на Huawei, а досега немаме видено некој официјален доказ дека тие се точни, со што целата работа останува во рамките на политичката и економска војна помеѓу двете земји.

Доста надежи се ставаат на можната промена на политиката доколку Џо Бајден дефинитивно стане претседател на САД, но за тоа уште нема најави и се верува дека веќе започнатата политика спрема Кина, нема да добие значителни промени, барем на веднаш.

ИЗВОРPCMag
Претходна статијаHUAWEI FreeBuds Pro со интелигентно динамично намалување на бучавата се веќе достапни на нашиот пазар
Следна статијаModerna ги објави првичните резултати од нивната COVID-19 вакцина која има ефикасност од 94,5%
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.