Со поддршка на Американската амбасада во Скопје и Фондот за иновации, се одржа нов настан на вмрежување посветен на иновативните проекти и идеи на некои од најперспективните млади умови кај нас, организиран од ИНО ФАБ Лабораторијата лоцирана на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

„ИНО КАФЕ настанот е веќе традиција за мотивација и инспирација, ова е точката каде што ги презентираме најновите иновации сработени во ИНО ФАБ ЛАБ.  Овој пат, просторот во Нетавил беше претесен за сите заинтересирани, кои сакаа да бидат сведоци на иновативните проекти и идеи на некои од најперспективните млади умови во нашата заедница. Од врвни технолошки решенија до креативни концепти за дизајн, овие млади иноватори инспирираа и импресионираа со нивните идеи„- истакна Верица Јорданова од ИНО ТЕХ КЛУБ, кој стои позади овој проект. 

На настанот беа презентирани два иновативни производи креирани и развивани од страна на млади тимови во ИНО ФАБ ЛАБ, првата лабораторија за производство и прототипирање која се наоѓа на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Беше презентирана работата на на тимовите „Дизајнирање и прототипирање на аеродинамичен објект“ и на тимот „Green lazy bags oд текстилен отпад“ кои во изминатите месеци беа развивани под менторство на професори и асистенти на Технолошко-металуршкиот и Машинскиот факултет. 

„Првиот тим работеше на дизајнирање на иновативно крило за мали летала кое е инспирирано од природата. Овој тим врз основа на повеќе истражувања и математички пресметки дојде до заклучок дека аеродинамичкиот објект (крило) направено според крилото на гуска има најдобри перформанси. Крилото инспирирано од гуската има најголема заштеда на гориво поради помалиот отпор и има и поголема носивост на товар во тек на подолго време и долги растојанија. Прототипот на ова иновативно крило, кое може да најде примена и во ветерниците, беше испечатен на 3Д принтер во ИНО ФАБ ЛАБ, а неговите перформанси беа тестирани во специјална лабораторија на Машинскиот факултет„ – истакна организаторот. 

Големо внимание на настанот привлекоа еколошките lazy bags, разработени од тимот „Green lazy bags oд текстилен отпад“ кои беа изложени и гостите ги тестираа истите. Станува збор за производи кои се наполнети со различни полнила, вклучително и текстилен отпад од текстилната индустрија кој вообичаено завршува на депонија и креира големо загадување.

„На ваквите настани, секогаш покануваме и познати претприемачи и менаџери, кои со своите искуства мотивираат. Па така овој пат пред младата публика свои искуства споделија Весна Иваноска – Генерален Менаџер на Сеавус едукативен и развоен центар и Горан Митревски – сопственик и директор на КАБТЕЛ, компанија со експертиза и решенија за сајбер-безбедност, автоматизација и интеграција, бекап на податоци, мрежи и техничко обезбедување. Клучната порака од нив до присутните млади е дека зад секој успех стои многу работа, труд и континуирано учење„ – објаснува Јорданова.

Првата лабораторијата за производство и прототипирање ИНО ФАБ ЛАБ е лоцирана на Технолошко-металуршки факултет (ТМФ) во Скопје,  а е основана од страна на Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ во партнерство со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој, амбасадата на САД и неколку успешни македонски компании. Во неа, под менторство на академски професори и стручни лица од реалниот сектор, младите на возраст од 15 до 29 години развиваат и тестираат иновативни идеи до создавање продукт-прототип. Клучната цел на оваа лабораторија е да се зајакне иновативната инфраструктура во земјава и да се подобрат вештините и знаењата на младите средношколци и студенти.

Сите заинтересирани за учество во работата на Ино Фаб Лаб може да се пријават и бесплатно да бидат менторирани во процесот на создавање на нивните иновации.

Претходна статијаGoogle Pixel Fold може да го очекуваме на 10 мај
Следна статијаGoogle забрзано работи на нова интеграција на вештачката интелигенција додека изгледа дека доцнат зад конкуренцијата