Онлајн продавницата eBay по 12 години работа најави планови да го оддели својот систем за наплата PayPal како посебна компанија. Според многу експерти ова ќе создаде простор и за двата субјекти да се развијат во уште подобри и пофокусирани компании.
Бизнис моделот на PayPal уште од 1998 година привлекува огромно внимание не само од независната конкуренција туку и од гигантите Google и Apple. Како што изгледа од оваа одлука нема губитници, како за eBay така и за PayPal има низа поволности.
До крајот на втората половина на 2015 година се очекува акциите на онлајн продавницата да се покачат за 7.5 отсто. Од друга страна приходите на PayPal имаат годишен раст од 19 отсто, што е речиси двојно повеќе од eBay.
Системот за наплата е достапен во 203 пазари ширум светот и се очекува да испроцесира милијарда мобилни наплаќања. Годишните приходи на PayPal изнесуваат 7.2 милијарда долари, додека eBay заработува 9.9 милијарди долари.
Можеби најдобриот потег што eBay го има направено изминатава деценија е токму купувањето на PayPal во 2002 година за 1.5 милијарди долари, што пак сега претставува најбрзо растечкиот бизнис на компанијата со повеќе од 143 милиони активни корисници забележани во 2013 година, што е за 16 отсто повеќе од 2012 година.
Како посебна компанија PayPal ќе има уште поголема надмоќ над своите конкуренти кои имаат многу голема база на корисници кои само треба да ги убедат да го користат нивниост систем за наплата. Нешто што ќе им оди малку потешко на Google и на Apple земајќи ја предвид глобалната доминација на PayPal.
Извор: The Verge