
Американската Администрација за безбедност во транспортот (TSA – Transportation Security Administration) е агенција во склоп на Министерството за домашна безбедност која што е формирана по случувањата на 11 Септември 2001 година. Оваа агенција се грижи и ги поставува правилата за безбедност на транспортот во државата, меѓу кои е и авиотранспортот.
Иако оваа агенција нема право на одржување на безбедноста надвор од САД, аеродромите кои што имаат директни летови кон земјата мора да се придржуваат до нивните правила. Според најновите правила за зајакнување на безбедноста патниците кои што директно летаат кон САД ќе мора да ги носат наполнети своите мобилни уреди, односно мобилните телефони, лаптоп компјутери и слично. Обезбедувањето на аеродромите покрај стандардната проверка ќе може да побара од патниците да ги вклучат нивните уреди за дополнителна нивна проверка. Ова значи дека доколку отидете на аеродромот, а вашиот мобилен телефон е испразнет и не можете да го вклучите доколку тоа биде од вас побарано, може да бидете вратени или да биде побарано да го оставите телефонот.
Од агенцијата немаат доставено листа на аеродроми за кои што ќе важат овие правила, но од BBC изјавуваат дека тие веќе важат на лондонскиот аеродром Heathrow. Според други информации телефоните од Apple и Samsung веќе биле издвоени како модели кои што се проверувани на аеродромите.
Официјалната причина за ваквата одлука е развојот на технологијата, како и способностите на одредени терористички организации за кои што наводно има информации дека се во можност да направат експлозивни направи скриени во мобилните уреди.
Извор: Cnet, BBC, The Guardian