f5f218a4-918b-4f18-9a11-7cdb47f145b7_5

Ова е уште една одлука од страна на Microsoft која што е нестандардна, барем ако се земе во предвид начинот на работа до пред една година. Сега може и не е некое изненадување за тие кои што активно ја следат компанијата, а посебно по преземањето на главната директорска позиција од страна на Satya Nadella.

Како што беше најавено, Microsoft развива целосно нов интернет прелистувач кој што ќе биде главниот во новиот Windows 10. Иако Internet Explorer ќе продолжи да биде достапен, а посебно во верзиите од оперативниот систем за компаниите, „Project Spartan“, како што моментално е нарекуван новиот прелистувач, ќе го замени стариот и не толку популарен Internet Explorer.

За Project Spartan Microsoft развива целосно нова веб технологија, односно layout engine, кој што треба да биде многу покомпатибилен со новите веб стандарди и да го стави на ниво со другите популарни прелистувачи.

За да ја постигне оваа цел, Microsoft реши да почне да соработува со компании кои што се едни од најдобрите во областа на веб технологиите. Од компанијата најавија дека соработката ќе вклучува можност за пристап до кодот на Spartan, како и можност за придонес од страна на компаниите.

Првата компанија која што веќе соработува со Microsoft е Adobe кои што се едни од главните придонесувачи во развојот на веб технологиите кои што се користат во Chrome, Firefox и Safari.

Adobe ќе биде вклучен да придонесува во областите во кои што тие се најдобри, односно во кои што имаат помогнато и кај другите прелистувачи. Поточно од компанијата ќе „помагаат“ во развојот на layout-от, типографијата, графичкиот дизајн и слично.

Оваа информација дефинитивно покажува на сериозноста на Microsoft да остане еден од главните играчи на пазарот на интернет прелистувачи. Вклучувањето на други компании кои што веќе работат на развој на вакви технологии, сигурно ќе го направи прелистувачот конкурентен со другите.

Главниот конкурент со кој што Spartan, односно како и да му биде официјалното име, ќе треба да се бори е Google Chrome кој што дефинитивно е омилениот прелистувач на повеќето корисници.

Извор: Microsoft, The Verge

Претходна статијаTwitter ја претстави Periscope – Апликација за видео стриминг во живо
Следна статијаOpera Mini beta за Windows Phone со нов модерен дизајн
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.