Според порталот Ars Technica, Microsoft во соработка со видео мрежата за гејмери Machinima нуди дополнителна заработка од YouTube видеата, каде што објавувачот на истото ќе ја спомне најновата играчка конзола Xbox One. Според информациите, на заработката од видеата на YouTube, Microsoft би исплатил дополнителни 3$ по CMP, односно по 1000 прегледувања на видеата. Она што треба да го направат објавувачите на видеата е да прикажат барем 30 секунди на снимка од некоја игра од Xbox One, да нагласат дека се работи за игра од оваа конзола, како и да го означат видеото со ознаката „XB1M13“.
Условот за објавувачот на видеото да биде исплатен е држењето во тајност на овој договор, односно објавувањето на содржината да не биде објавена како платена содржина. Исто така објавувачите треба да се изјаснат позитивно за игрите и Xbox One конзолата во своите видеа, односно не смеат да ги критикуваат.
Доколку ова е точно, претставува прекршување на правилата поставени од страна на FTC (Federal Trade Commission – Федерална комисија за трговија), според кои сите содржини за кои што е платено да бидат објавени или поддржани, поддржувачот мора јавно да биде истакнат. Со други зборови, не е против правилата некој да плати за својот производ да биде спомнат во некое видео, меѓутоа објавувачот на тоа видео мора плаќањето да го нагласи. Тоа е логично поради фактот што голем број од сопствениците на YouTube канали имаат почит и кредибилитет, а со тоа влијание врз мислењето на својата публика, па доколку за одредени видеа и ставови не биде нагласено дека е платено за нив, публиката би можела да биде изманипулирана.
Извор: Ars Technica