Нешто што започна, барем јас така дознав за истото, со информација од познатиот „јутјубер“ Арун Маини, односно повеќе познат како „Mrwhosetheboss“, доби поголемо внимание кај познатите рецензенти на технологија.
Во основа, Маини објави дека првпат не бил поканет на „Made by Google“ настанот на кој секогаш оди, а како причина за тоа смета дека е неговата критичка рецензија минатата година и препорака на друг телефон од конкурент.
Кога ќе се земе во предвид дека Маини има повеќе од 15 милиони следбеници, не може да се каже дека Google сметале дека не е важен за да биде поканет.
После ова почнаа да излегуваат информации за посебна програма од Google која е наменета за „инфлуенсерите“ да ги добијат бесплатно уредите од компанијата и да информираат за нив.
Оваа програма оваа година има добиено нов услов преку кој не се забранува критика на уредите, но се забранува препорака на други уреди. Доколку тоа не е испочитувано, учесниците ќе бидат тргнати од програмата.
За да се познае кои се дел од програмата обично се истакнува нивната обврска да ги користат ознаките #teampixel и #giftgromgoogle, а се додава и дека програмата не е наменета за познатите рецензенти.
Google по реакциите објави дека оваа програма се водела преку надворешна ПР агенција и дека тие не планирале нешто вакво, наводно. Сега новиот услов е тргнат, па би требало да се тргне и сомневањето за пристрасно известување, најверојатно.