Google вчера со почеток во 19:00 часот го одржа нивниот „Made by Google“ настан на кој беа претставени уредите кои ги очекувавме. Оваа година доста порано од обично, Google ја претстави наредната генерација од нивните Pixel уреди, па беа претставени Pixel 9, Pixel 9 Pro, Pixel 9 Pro XL и Pixel 9 Pro Fold. 

Корисниците добиваат избор од три модели од новата Pixel серија, а тоа што е добро е што двата Pixel Pro модели доаѓаат со истите карактеристики, па корисниците добиваат само избор од различна големина на екранот. 

Pixel уредите, за разлика од конкуренцијата, добија доста голем редизајн во споредба со ланските модели. Телефоните имаат целосно редизајниран модул за камерите, а овој дел секогаш е предмет на дискусија од страна на корисниците за тоа дали им се допаѓа. 

Тоа што мене ми се допаѓа е приклучувањето на Google на iPhone стилот кој го прифатија повеќето производители, па страните на новите Pixel 9 уреди се рамни и направени од метал, а од тоа што можев да видам телефоните оставаат доста поскап впечаток со нивната цврстина и тежина. 

Големината на екраните кај уредите е 6,3 инчи кај Pixel 9 и Pixel 9 Pro, како и 6,8 инчи кај Pixel 9 Pro XL. Pro моделите доаѓаат со LPTO екран, но истиот не е дел од основниот модел. Сите модели имаат стапка на освежување до 120 херци. 

Трите модели доаѓаат со истата главна камера со 50 мегапиксели, како и ултра широка камера со 48 мегапиксели. Pro моделите имаат уште по една камера со 48 мегапиксели која е телефото камера. 

Сите модели работат на најновиот чип од Google, односно Tensor G4, но од тоа што можев да прочитам досега, од компанијата изгледа уште оваа година ќе настапуваат со нешто послаб чип во споредба со конкуренцијата, а посебно во споредба со Apple. 

Што се однесува до втората генерација од Pixel Fold, која сега е наречена Pixel 9 Pro Fold, може да се каже дека Google повторно има одличен ваков уред на пазарот кој повторно добива подобри оценки од главниот конкурент. 

Тоа што го прави Pixel 9 Pro Fold одличен уред е надворешниот екран кој е направен да може да се користи како класичен смартфон. Конкуренцијата продолжува да користи доста „тесен“ формат, па користењето на надворешниот екран не е баш како што треба. 

Pixel 9 Pro Fold доаѓа со 6,3 инчен надворешен екран, баш како повеќето класични смартфони, а таков е и форматот. Внатрешниот екран е со големина од 8 инчи, со што се добива и одличен мал таблет кога уредот е отворен. 

На сето ова треба да се додаде и малата дебелина на уредот, па Google на пазарот има уред на преклоп кој е погоден за користење без скоро никакви недостатоци кои на корисниците би им направиле проблем во споредба со нивниот класичен смартфон. 

Сите нови Pixel уреди доаѓаат со нови функции со генеративна вештачка интелигенција, како нова апликација за креирање на слики, апликација за чување на сите слики од екранот и повеќе. Од тоа што можеше да се види, Google отиде доста напред со ваквите функции, па Apple изгледа ќе има проблем на овој план.

Целиот вчерашен настан можете да го погледнете на видеото во продолжение. 

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2Google
Претходна статијаЦилиндрични едра го враќаат стариот начин на погон на бродовите
Следна статијаПочнува Т-esports шампионатот за сите играчи на е-спортови во Централно источна Европа
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.