Compete for GOOD

Светот на антимонополското законодавство е сличен на Земјата на чудата на Алиса: истовремено се изгледа како да е, но, наводно не е. Тоа е свет во кој конкуренцијата се слави како основен аксиом и принцип водилка, но сепак „преголемата“ конкуренција се осудува како „предаторска“. Тоа е свет во кои дејствијата кои ја ограничуваат конкуренцијата се осудуваат како криминални ако се превземени од бизнисмени, но се возвишуваат како „просветлени“ ако се иницирани од политичарите. – Alan GreenspanAntitrust“, 1962

Поминаа петнаесетина дена од донесувањето на необврзувачката резолуција на Европскиот парламент со која изгледа дека се прави обид да се удри по Google (солидна анализа на резолуцијата можете да прочитате тука). Имено, загрижените европарламентарци, играјќи ја својата улога на заштитници на граѓаните од големите корпорации, препорачуваат „одвојување на пребарувачките системи од другите комеријални услуги“ со цел да се обезбедат „конкурентни услови во дигиталниот единствен пазар“. Иронијата во оваа одлука, како и во многумина други засновани врз антимонополската логика, е во тоа што се користи извитоперена пазарна логика за политички да се влијае врз развојот на пазарот.

Да бидам искрен, незнам од каде да почнам да го критикувам овој потег на европските политичари. Ајде од почеток. Да се вратиме во Септември, 2011 година кога во ист период САД и ЕУ го отворија анти-монополскиот случај против Google. Ако се погледнат вестите од тогашните случувања лесно може да се увиди всушност дека не станува збор толку за заштита на потрошувачите, колку што е обид да се скрши Google со политички мерки иницирани од неговите помалку успешни конкурентни како што се Yelp, Trip Advisor, Nextag или пак Expedia.

Овие компании тврдат дека Google си ги штима пребарувачките резултати за да им дава предноста на сопствените бизниси. Она што веднаш либертаријанците си го поставуваат како логично прашање е: па што!? Зошто профитно-ориентирана компанија не би го користела потенцијалот на својот извонреден пребарувач за да го зголеми својот бизнис уште повеќе?! Зарем Google нема право на сопственост врз сопствениот пребарувач и начинот на кој истиот ќе функционира?! Зошто некој би сметал дека има право да ги диктира правилата на туѓа сопственост?! За волја на вистината, во целата истражна постапка Google им понуди на другите компании да си платат плус доколку сакаат нивните содржини да излегуваат веднаш до бизнисите на Google. Не беше прифатено.

MjAxMi0xMTgyMDJlYTFkNDIxNDFh-380x266

За среќа, овој обид за успорување на Google пред американските институции беше воглавно неуспешен. Федералната комисија за трговија на САД зазема позитивен став дека „доминантноста на Google која ја има во пребарувачките реклами е природен развој на фактот дека производот на Google е супериорен, и оттука не се смета за нелегален монопол.“ [поцртаното е м.з.].

За жал, како што изјави еден сениор службеник од Европската унија за Reuters, овие ниски удари од американските компании се префрлија на европско тло („американските компании ја користат Европската комисија како нивно бојно поле. Американските компании се оние кои доаѓаат кај нас со жалби.“).

Но, за Европската комисија да делува со своите антимонополски алатки по резолуцијата на европските политичари мора да бидат исполнети два услови: 1) да се докаже дека Google е монопол; 2) но, уште поважно, дека оваа негова позиција им штети на потрошувачите. Убеден сум дека двата услови не се исполнети!

Прво, да почнеме од поважното: дали Google и неговата позиција е штетна за нас, потрошувачите. Битно е да се потсетиме тука дека Google ниту беше првиот пребарувач, ниту пак е единствениот. Со нудење на супериорен производ, постојано наградуван за да ни нуди релевантни резултати, Google стана нашиот избор број 1! Никој не не присилува да го користиме Google. Мислам, само за да го напишам овој текст, го отворив Google едно 10 пати. Целата моќ која ја има Google доаѓа од нас и Google нема ништо повеќе од моќта која доброволно му ја даваат потрошувачите. Уште утре ако излезе подобар пребарувач (како што излезе Facebook и преку ноќ го напуштивме My Space и Messenger), Google ќе падне. Но, зошто би сакале да го видиме Google помал кога ние сме оние кои го направивме гигант?!

Но, како што вели James E. Miller:

од Standard Oil до Alcoa и Microsoft, државата ги обвинува најдобрите и најефикасни фирми за „предаторски монополи“. Standard Oil беше „одговорен“ за намалување на цената на галон керозин од 50центи на никел, а сепак читаме по учебниците по историја дека John D. Rockfeller бил „анти-потрошувачите“. Alcoa го стекна својот пазарен удел со нудење високо-квалитетен алуминимум по најниска цена на пазарот, а ние слушаме како политичарите и економистите го обвинуваат дека бил „предаторски монопол““.

Изгледа тоа е судбината на најдобрите меѓу нас – без разлика колкава услуга прават на човештвото, да бидат постојано осудувани и рекетирани од оние под нив.

Во истиот свој горецитиран текст во кој се истражува историскиот развој на антимонополското законодавство, екс гувернерот на Централната банка на САД, A. Greenspan ќе напише: „неопходно е да се ревидира цел антимонополски систем и да се оценат: 1) историските корени на антимонополското законодавство; и 2) економската теорија врз која се изградени овие закони“. 50 години подоцна и препораката сеуште важи. Во вториот дел од оваа колумна ќе се осврнам на втората препорака на Greenspan.

Извор на слика: http://compete.maker.good.is/

Претходна статијаApple патентираше ласерски просторен скенер за употреба во iPhone
Следна статијаПрестанува производството на нови Nexus 5 уреди