Елон Маск е познат по користењето на терминот „најдобри“ и „најпопуларни“ кога се во прашање неговите апликации и јазични модели. Тоа секако не е толку далеку од вистината, но потребни ни се точни бројки за да знаеме колку е точно тоа што го кажува.
Ситуацијата во App Store од Apple не ги прикажува баш вака тврдењата на Маск, па тој излезе со обвинување дека Apple ги фаворизира OpenAI, па ниту една друга апликација за вештачка интелигенција не може да се пробие во продавницата.
Точно е дека ChatGPT повеќе пати се има појавено на главниот банер во App Store, а тоа никогаш не бил случајот со Grok или X. Ова секако веднаш асоцира на соработката која ја имаат Apple и OpenAI, а познато е и дека Сем Алтман и Елон Маск не се во баш најдобри односи.
На објавата на X коментар остави токму Алтман, кој се чуди на тврдењата на Маск посебно поради фактот што Маск е познат по манипулациите кои ги користи за добивање корист за него и неговите компании.
Интересно е што корисниците ја искористија функцијата „белешки од заедницата“ и му направија „проверка на фактите“ на Маск со истакнување на тоа дека други апликации покрај ChatGPT биле на првото место во App Store.
Маск најавува и можна тужба против Apple за монополско однесување, нешто што не би било првпат и Apple не се баш „чисти“ на овој план.
Во продолжение можете да ги погледнете објавите од Алтман и Маск.