Samsung ја претстави најновата генерација од нивниот уред на преклоп пред околу еден месец, а Galaxy Z Fold7 е сигурно најдобриот Fold досега кој мислам дека првпат може вистински да се препорача како главен телефон.
Една од „најслабите“ точки кај ваквите уреди е секако механизмот за превиткување на екранот, па можни се одредени проблеми после повеќе илјади превиткувања.
Samsung прави тестирања кај ваквите уреди, а за Fold7 се истакнува дека би требало да издржи околу 500.000 превиткувања без проблем.
„Јутјубер“ од Јужна Кореа реши да го тестира ова тврдење, па преку стриминг во живо, кој траел неколку дена, тој се снима како го превиткува, односно отвора и затвора уредот и стигнува до околу 200.000 пати.
Тоа што го открива е уредот почнува да се рестартира без причина после 6.000 превиткувања, а истото се случува и на 10.000. Механизмот за превиткување почнува да пушта звуци после 46.000 превиткувања, додека непозната црна течност излегла од механизмот после 75.000 превиткувања.
Звучниците престанале да функционираат целосно после 175.000 превиткувања, но екранот не појавил никаков проблем низ целото тестирање.
Ваквите видео можеби се интересни, но не го прикажуваат реалното користење од страна на корисниците. Константното превиткување не е баш исто со повременото превиткување кое се прави при користењето на ваквите уреди, а тука секако е и бројката која ретко кој корисник ќе може да ја достигне.
Заклучокот е дека сите заинтересирани слободно можат да го купат Galaxy Z Fold7, но секако, би било добро да екранот се отвора кога реално има потреба, а уредот да се користи и како класичен телефон.