10862658_10152474471651976_5297175080305589087_o

Skype Translator од денеска официјално е достапен за тестирање од страна на корисниците кои што почнаа да се пријавуваат за негово користење. Со инсталирање на додатна програма, корисниците на Windows 8.1 ќе можат да ја користат првата верзија на своите десктоп и таблет компјутери.

Оваа технологија, која што веќе подолг период се развива од страна на Microsoft Research и Skype овозможува симултан превод, односно превод во вистинско време додека разговарате со некого преку аудио и видео повик, а исто така овозможува и преведување на текстуалните пораки.

Првата верзија која што е достапна сега ќе овозможи превод на аудио и видео повиците помеѓу луѓе кои што говорат на шпански и англиски јазик, а со развојот на системот може да се очекуваат повеќе јазици.

Текстуалните пораки од друга страна и сега поддржуваат повеќе јазици, односно може да бидат преведени 40 различни, но за жал македонскиот не е еден од нив. Кога се работи за текстуалните пораки, поддржани се јазиците кои што ги има на Bing Translator кој што ја користи истата технологија, но се разбира во основа форма.

Начинот на кој што работи Skype Translator системот вклучува систем на вештачка интелигенција кој што го учи начинот на говорење на луѓето врз основа на повеќе преведени страни, преводи на филмови, како и разговори помеѓу луѓе кои што решиле да учествуваат во програмата. Системот е во можност да препознае повеќе стилови на говор, како и да направи разлика помеѓу вметнатите ненамерни изрази како, хмм, амм и слични, а исто така може да ги препознае и повторно изговорените зборови и да не ги зима во предвид претходните.

translatorinfographic
Како работи Skype Translator ? (кликни за поголема слика)

 

Системот ја подобрува својата способност за препознавање и преведување на говорот со неговото користење од страна на корисниците. Нивните разговори се снимаат и потоа се користат за учење на говорот на луѓето, со што се овозможува препознавање во други ситуации.

За некои можеби ова претставува нарушување на приватноста, меѓутоа кога ќе се земе во предвид дека системот е во својата почетна фаза, а учењето на говорот е еден од основите фактори за негово подобрување, скоро е невозможно тоа да се постигне без снимање на разговорите.

Skype Translator е промовиран како одлично средство во образованието, како можност за комуникација помеѓу учениците од различни земји. Видеото кое што го имаат спремно за оваа намена покажува ученици од Мексико и САД како успеваат да комуницираат на нивните мајчини јазици преку овој систем.

Заинтересираните корисници можат да се регистрираат за добивање пристап до Preview програмата со која што можат да го симнат Skype Translator. Добивањето на покана сепак не е загарантирано, како и времето кога би ја добиле.

Извор: Skype, The Verge

Претходна статијаLaWS – Најново целосно оперативно ласерско оружје на американската војска
Следна статијаNext Keyboard е одлична алтернативна тастатура за iPhone
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.