Office Sway е нова, може да се нарече, апликација од Microsoft која што е наменета за правење на еден вид на презентации. За разлика од PowerPoint што е веќе постара и понапредна програма за презентации, Sway е направена да работи во облакот, односно нејзината основна верзија моментално е достапна преку веб. Во оваа Preview фаза достапни се и апликации за iOS, но се планира нивна достапност за сите платформи.
До вчера доколку сакавте да ја пробате апликацијата која што беше најавена во Октомври, потребно беше да добиете покана. Сега сите корисници можат да се најават со својата Microsoft сметка и да почнат да работат на sway.com.
Поради фактот што Sway е уште во тест фаза, вклучува прилично малку и основни функции и можности за правење на презентациите. Имате можност да изберете во кој правец ќе се движат слајдовите, како и уште неколку други работи поврзани со позадината, боите, фонтот и слично.
Во презентациите можете на лесен начин да вметнете слики и видеа од повеќе извори, како што се OneDrive, Facebook и други, а исто така можете да пребарувате и директно преку Bing.
Предноста на овој начин на работа е што никогаш не треба да мислите дали вашата работа е зачувана, дали фајлот го имате земено со вас преку стикче или ставено во облакот, како и дали на компјутерот каде што ќе треба да презентирате има потребен софтвер. Се што ви треба е компјутер со прелистувач и пристап до интернет и можете да работите.
Sway според одредени портали се споредува со Word, само направен во модерна форма и со поголем акцент на медиа додатоците. Исто така, а можеби и пореално, Sway се споредува со Prezi платформата која што и навистина претставува директна конкуренција на производите од Microsoft.
Prezi е исто така платформа за правење на презентации која што стана доста популарна, посебно за концептот на анимација и прикажување на целата презентација. Microsoft со Sway покажува дека сака да остане важен фактор на пазарот и ќе биде интересно да се гледа како ќе ја унапредува апликацијата.
Во продолжение можете да погледнете Sway презентација, а истите може да биде споделувани на повеќе начини, како и директно на веб страни како во овој пример.
Извор: Office, BusinessInsider, PCWorld