eBay сервисот е меѓу најпознатите и најкористените сервиси за онлајн трговија со повеќе од 100 милиони активни корисници од целиот свет. Сериозноста на информацијата за пробивање на овој сервис е уште поголема поради сервисот PayPal кој што е во сопственост на оваа компанија и на кој што корисниците ги вклучуваат своите кредитни картички со што директно даваат пристап до плаќањето од нивните сметки.
Информацијата за пробивањето на системите на eBay се дозна со објавување на насловот „eBay ќе побара од корисниците да ги променат своите лозинки“, на страна на PayPal, кој што кратко потоа беше тргнат. Поради тоа повеќето американски портали побараа информација од eBay од каде што потврдија дека нешто се случува и дека промената на лозинките ќе биде побарана од корисниците во текот на денот.
Што се однесува на сигурносниот проблем, се работи за случај во кој што одредени лица имаат добиено пристап до неколку кориснички сметки од вработени во компанијата, со што се здобиле со пристап до мрежата на eBay, а со тоа до кориснички имиња на корисниците, лозинки, адреси на живеење, телефонски броеви, дати на раѓање и email адреси. Добивањето на пристапот се има случено некаде во периодот од крајот на Февруари и почетокот на Март, но за тоа се дознава во последните неколку недели. Од компанијата уверуваат дека истражувањата на нивната мрежа покажуваат дека не се добиени никакви финансиски информации од корисниците, односно дека информациите од PayPal се чуваат на посебни сервери и истите се енкриптирани.
Иако PayPal се’ уште не е официјално достапен во Македонија, голем број на корисниците имаат сметки на еден или друг начин со што го користат и eBay сервисот. Затоа препорачуваме да ја смените вашата лозинка и да следите што ќе се случува во наредните денови кога точно ќе се знае што се има случено, дали и колкава штета е направена и дали се потребни дополнителни мерки за заштита.
Извор: Cnet, Business Wire