Во текот на вчерашниот ден излегоа информации дека две компании се интересираат за купување на Twitter. Тоа предизвика зголемување на вредноста на компанијата за околу 4% во време на затворањето на пазарот.
Она што е интересно, а и не е првпат, е дека една од двете компании кои што наводно се интересираат за купување на Twitter е Google. Со оглед на пазарната вредност на Twitter, дефинитивно мала е бројката на компании кои што би можеле да си дозволат едно вакво купување, а Google е една од тие компании.
Според информациите на компанијата за анализа на пазарот Briefing.com, Twitter веќе има ангажирано консултантска фирма и тоа познатата Goldman Sachs, со цел да се одбрани од можното купување.
Пазарната вредноста на Twitter се проценува на некаде околу 30 милијарди долари. Google можеби не е компанија која што има најмногу пари на нивната сметка, меѓутоа со проценетите 60 милијарди, дефинитивно би можеле да го направат купувањето доколку би сакале.
Се поставува прашањето дали навистина постои ваков интерес, а посебно од страна на Google. Доколку се земе во предвид желбата на компанијата во изминатите години да некако конкурира на Facebook, а цело време прилично неуспешно, купувањето на единствената мрежа која што тоа успешно го прави, може да се смета како можен потег.
Како и да е, се работи за голема трансакција за нешто што не е првпат да се шпекулира. Дури и да испадне дека вакво нешто се договара, преговорите сигурно ќе бидат подолги, а посебно ако се точни и информациите за немањето желба за продажба од страна на Twitter.
Извор: The Guardian, USA Today, Ubergizmo
Фото: dailygenius.com