Онлајн петициите се алатка која на повеќето ни е добро позната и е една од најголемите придобивки на живеењето во време на масовна поврзаност на интернет. Корисниците ја користат Facebook мрежата за објава на линкови до страни за петиции, со оглед на популарноста на мрежата и можноста за допирање до што повеќе луѓе.
Воведувањето на една ваква функција директно во Facebook е логично и очекувано, а се прашувам зошто од компанијата не го направија ова и порано.
Community Actions е новата функција која овозможува креирање на петиции на Facebook. Сега за сега е достапна само за корисниците од САД, по одреден тест период на ограничен број на корисници.

Корисниците имаат можност да стават наслов на својата петиција, опис, односно објаснување, а исто така можат да означат и официјална државна институција која е засегната од конкретното барање во петицијата.
По објавата на петицијата, останатите корисници можат да ја поддржат, а тоа може да го направат со притискање на копчето „Поддржи“. Со давањето на поддршка корисниците добиваат право да дискутираат во рамките на петицијата, а исто така може да се креираат и настани, собирања на средства и слично.
Тие што немаат дадено поддршка не можат да учествуваат во дискусиите, но можат да ја споделат петицијата на нивниот профил.
Со оглед на тоа што се работи за Facebook, мрежа која масовно се користи за пренесување на лажни вести и манипулација на корисниците, веднаш се поставува прашањето за злоупотреба на петициите.
Од Facebook ќе дадат посебно значење на ова, па како алгоритамот, така и вработени ќе внимаваат на објавата на петициите, како и дискусиите кои се водат во нив.