Во време кога корисниците користат по неколку уреди на различни платформи, компаниите почнуваат да им го олеснуваат корисничкото искуство преку намалување на разликата помеѓу платформите и нивно унифицирање. Тоа значи дека апликациите кои што корисниците ги користат, покрај тоа што се достапни за нивните мобилни, таблет и десктоп компјутери, тие се направени со ист или сличен интерфејс, па корисниците многу поедноставно може да ги користат различните верзии на сите нивни уреди.
Продавницата за апликации на Chrome прелистувачот е прилагодена во тој правец, односно во еден вид унифицирање на корисничкото искуство. Сега корисниците ќе добиваат информација кога некоја од апликациите кои што ги разгледуваат и користат е достапна и за Android уредите. Со тоа тие ќе можат да ја инсталираат апликацијата на нивниот мобилен телефон, на пример, доколку веќе ја немаат инсталирано. Се разбира ова е само еден начин на олеснување на пребарувањето и насочување кон користење на апликациите на различни уреди.
Покрај информацијата на апликациите за нивна достапност на Android, како и линк до Play Store, корисниците ќе може да ги прегледуваат само апликациите кои што се достапни на Android преку нов филтер. Сега покрај можноста за прегледување на апликации кои што работат offline, се бесплатни, се направени од Google, корисниците може да изберат да им бидат прикажани само апликациите кои што се достапни и на Android. До филтерот се доаѓа со притискање на drop down менито кое што се наоѓа на годниот дел со ознаката Show, па избирање на филтерот For Android.