Влегувањето на одредени автомобили во категоријата на паметни уреди/производи, значи и дека само прашање на време е кога и тие ќе станат мета на хакерите. Тоа станува многу полесно со додавањето на можност за контрола на автомобилите преку интернет, а со тоа и софтвер кој што може да содржи одредени безбедносни пропусти.
Иако не е првпат, случај на појава на пропуст кој што може да се искористи за хакирање на возилото и преземање на контрола врз него е прикажан на Jeep возилото.
Не се работи за вистински случај, туку за тестирање на откриениот пропуст од страна на истражувачите Чарли Милер и Крис Валасек. Возилото било возено од страна на Енди Гринберг од Wired со цел тестирање на можноста за хакирање на истото.
Тестот бил успешен, односно двајцата истражувачи успеале да се поврзат со возилото и да контролираат повеќе негови функции на оддалеченост од повеќе од 15 километри, додека возилото било возено на автопат.
Тие успеале да ги вклучат бришачите на шофершајбната, да го контролираат системот за климатизација, кочниците, радиото и слично.
Контролата на возилото е направена преку хакирање на Uconnect системот кој што им овозможува на корисниците на возилото пристап до одредени функции, како и следење преку мобилна апликација.
Закрпа за пропустот во софтверот е веќе издадена, а корисниците ќе мора истата да ја симнат и мануелно да ја инсталираат преку USB во својот автомобил.
Фото: Wired