Новата Office апликација за мобилните ги комбинира Word, Excel и PowerPoint во една

Апликацијата моментално е во тест фаза, но можат да ја симнат сите заинтересирани корисници и да ја пробаат

Word, Excel и PowerPoint веќе одамна се достапни на мобилните телефони, а овие апликации се можеби и едни од најдобрите во нивната категорија. Microsoft со тек на време им додаде доста корисни функции, а тука се и уште неколку други апликации кои може да се надоврзат во работата со документи и слично.

Оваа недела Microsoft претстави нова апликација, едноставно наречена Office и истата е можеби една од подобрите апликации досега направени, секако во оваа категорија.

Office апликацијата, која доаѓа со ново лого, моментално е достапна како тест за Android и iOS, но во овој момент веќе сите места се пополнети за корисниците на iOS, поради лимитот поставен од Apple на нивната Test Pilot апликација.

Оваа апликација ги заменува и интегрира во една досегашните Word, Excel и PowerPoint, па дури ја додава и функционалноста на Office Lens, апликацијата, достапни во една апликација која зафаќа помал простор.

Кога ќе ја отворите Office апликацијата веднаш ќе ги видите сите документи со кои работите, подредени според најновите, а интересно, можете да ги додадете и белешките од Windows 10.

Доколку барате да видите документ којшто е нешто постар или сакате да работите само со еден вид на документи, можете да изберете да ги гледате само Word, Excel, PowerPoint, PDF, слики или белешките кои ви се достапни. Секако, сите овие документи се поврзани со OneDrive, односно со облакот, па ги имате сите документи од било кој ваш уред.

Тоа што ја прави уште подобра оваа апликација е што во преден план ги става одредени функции кои порано беа до некаде скриени. Па така, со притискање на Actions делот, можете да споделувате документи, да скенирате документи и да го извадите текстот од нив, да скенирате табели, да потпишете PDF документи, да скенирате документи директно во PDF и слично.

Дел од овие функции се достапни и преку + копчето преку кое започнувате со креирање на нов документ. Доколку сакате уште сега да ја инсталирате оваа апликација на Android, тоа можете да го направите преку следењето на едноставните чекори на оваа страна од Microsoft.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаДури 84% од родителите се загрижени за онлајн безбедноста на нивното дете, но не одвојуваат време да зборуваат за тоа
Следна статијаXiaomi го претстави Mi Note 10 – верзијата за остатокот од светот на телефонот со 108 мегапикселна камера
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.