Facebook ја воведе можноста да се вклучи темна тема во Messenger на мобилните на почетокот од минатиот месец. Сепак, од компанијата решија прво да ја тестираат оваа можност, па истата не беше достапна во прилагодувањата на апликација, барем не без правење на мал „трик“.
Прикажувањето на темната тема во прилагодувањата се активираше со испраќање на emoji икона од полумесечина во било кој разговор. „Дождот“ од полумесечини беше знак дека е испратена точната икона, па се овозможуваше вклучувањето на темната тема.
Темната тема во Messenger ја користи целосно црната боја за корисничкиот интерфејс. Тоа значи и дека оваа апликација ќе овозможи најголема заштеда на батеријата кај OLED екраните, а секако тука е и предноста за очите кога се користи апликацијата во темни услови.
Од оваа недела темната тема е достапна за сите корисници, па веќе не е потребно испраќање на полумесечина за нејзино активирање. Се што треба да направите е да притиснете на вашата слика во горниот десен агол, каде на прво место ќе го најдете копчето за темната тема.