Познато е дека Apple им овозможува на своите корисници предности доколку ги користат уредите од компанијата со функции како AirDrop која овозможува лесно споделување на датотеки помеѓу овие уреди.
На страната на Android е нешто поразлично поради фактот што не се работи за една компанија која ги произведува сите уреди.
Тоа сепак не значи дека функција како AirDrop не е возможна кај конкурентите на Apple, па Quick Share е пример за тоа. Настаната како „здружување“ на истоимената функција од Samsung и Nearby Share од Google, Quick Share е достапна и на Windows, со што корисниците можат да споделуваат датотеки едноставно како корисниците на Apple.
Коментар во кодот на Nearby Connections функцијата која се користи за Quick Share, покажува дека од Google можно е да работат на донесување на оваа функција и кај iOS и macOS.
Со оглед на тоа што само од коментарот не може да се донесе сигурен заклучок, се што можеме е да претпоставиме дека од компанијата некогаш во иднина можно е да ја донесат оваа функција и на платформите од Apple.
Доколку ова се случи, корисниците кои имаат на пример Windows и iPhone, ќе можат доста едноставно да споделуваат датотеки, а истото важи и за пријателите со различни уреди.