Како и секогаш, по претставувањето на нова верзија од Firefox прелистувачот, од истиот ден е достапна и наредната бета верзија наменета за корисниците кои што би сакале да ги пробаат новите функции нешто порано. Најновата верзија која што може да се симне од минатата недела е Firefox 28, па така бета верзија за која што ќе пишуваме денес го носи бројот 29.
Оваа бета верзија е поинтересна од другите поради тоа што го вклучува новиот Australis дизајн, најавен за оваа верзија уште минатата година. Australis претставува редизајн на корисничкиот интерфејс на Firefox и според нив истиот е поедноставен и полесен за користење, а нуди и подобри можности за негово прилагодување. Можеби една од најголемите промени кој што ги донесува Australis е изгледот на табовите. Тие сега се со заоблена форма, наместо досегашната правоаголна. Исто така табовите кои што се во позадина, односно не ги користите во моментот не се нагласени со што се става поголем акцент на активниот таб. Горната лента со наслов можете да ја тргнете со што табовите ќе бидат поставени во најгорниот дел од екранот и поголем дел ќе биде наменет за веб страните што ги отворате.
Друга позначајна промена со новиот дизајн е промената на главното копче за прилагодување на прелистувачот. До сега познатото правоаголно копче со портокалова боја на кое што пишува Firefox, кое што се наоѓаше во горниот лев агол, заменето е со поедноставно и помало копче во стилот на Chrome прелистувачот. Тоа сега е многу помало, направено е во стилот на икона со три линии една под друга и се наоѓа на десната страна од лената за внесување на адреси. Меѓутоа не е променет изгледот само на копчето, па кога ќе притиснете на него ќе забележите целосно ново мени за прилагодување. Тоа сега е составено од големи икони со посебна функција, наместо стариот стил на менија и под-менија. На горниот дел се поставени функциите Cut, Copy и Paste, а под нив контроли за зумирање на веб страната. Содржината на ова мени сега може да биде прилагодувана преку Customize функцијата, односно може да додавате или отстранувате одредени работи. Преку оваа функција сеуште можете да додавате и отстранувате работи од лентата на прелистувачот.
Уште една промена во корисничкиот интерфејс е ѕвездата преку која што страните се поставуваат во Bookmarks, односно се прикажува кога некоја страна веќе е поставена. Таа ѕвезда беше во рамките на лентата за адреси, но сега е поставена десно од неа заедно со копчето за отворање на листата со омилена страни, односно Bookmarks.
Покрај новиот дизајн, во 29-тата верзија од Firefox е вклучена и новата верзија од Sync функцијата. Истата е целосно променета, односно направена од нула. Поставувањето на Sync сметка сега е многу поедноставно, не се користи посебниот клуч, а содржината е екриптирана на двете страни. Доколку веќе ја користите Sync функцијата, потребно е да ја исклучите, односно да притиснете на Unlink this device и да креирате нова сметка.
Новата Sync функција е достапна и за Firefox 29 бета за Android која што е исто така достапна. Покрај оваа можност во верзијата за Android нова е можноста за прикажување на предлози за пребарување преку лентата од Bing пребарувачот. Се разбира и двете верзии ги вклучуваат стандардните подобрување на перформансите и безбедноста.
Firefox 29 бета е достапна за симнување преку страната на Mozilla за Windows, Linux и OS X и истата можете да ја симнете преку следниот линк, а за Android преку следниот.